Претседателката Сиљановска-Давкова во официјална посета на Хрватска


Фото: Б. Грданоски

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од денеска ќе престојува во официјална посета на Република Хрватска.

Утре, во Загреб, претседателката Сиљановска-Давкова ќе биде пречекана со највисоки државни и воени почести од претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ.

Предвидено е претседателите да одржат тет-а-тет средба по што ќе следува пленарен состанок на македонската и хрватската делегација.

Според најавата од Кабинетот на македонската претседателка, таа ќе оствари средба и со претседателот на владата, Андреј Пленковиќ.

Предвидено е претседателката Сиљановска-Давкова да положи венец на Споменикот на татковината, а во градскиот парк „Бундек“ ќе положи венец на спомен-бистата на Блаже Конески.

Сиљановска-Давкова ќе ја посети Македонската православна црква „Св. Злата Мегленска“ во Загреб и ќе оствари средба со претставници на македонската заедница во Хрватска. Во македонскиот Културно-информативен центар во Загреб претседателката ќе присуствува на отворањето на изложбата „Архивски документи“ на македонската уметница Жанета Вангели.

Во рамките на официјалната посета, в среда претседателката Сиљановска-Давкова ќе одржи предавање на Правниот факултет при Универзитетот во Загреб на тема „За парадоксите на македонските евроинтеграции“.