Претседател на колумбиски фудбалски клуб убиен по загубен натпревар
Колумбискиот фудбалски второлигаш Тигрес соопшти денеска дека клупскиот претседател Едгар Паес е убиен во Богота, откако клубот загуби во саботата од Атлетико (2-3) во рамки на 13. коло во колумбиската Примера Б.
Според извештаите на локалните медиуми, 63-годишниот Паес по поразот на неговиот тим од Атлетико заедно со својата ќерка со автомобил се враќал дома, кога во близина на стадионот во Богота бил пресретнат од двајца мажи на мотор, кои пукале во него.
Неговата ќерка не е ранета во нападот, а Обвинителството соопшти дека истрагата во врска со убиството на Паес е во тек.
-Неговата посветеност кон тимот и развојот на спортот на нашите простори остави неизбришлива трага на сите кои имаа привилегија да го познаваат, соопшти Тигрес преку социјалните мрежи.
Фудбалската федерација на Колумбија изрази сочувство до семејството на Паес и клубот Тигрес.