Претрес и во домот на Иџет Мемети, поранешниот народен правобранител

Според информациите, Иџет Мемети, кој сега е член на Советот на јавни обвинители, бил дел од коруптивниот скандал


 

Истражители од Обвинителството за гонење на организиран криминал и висока корупција цела ноќ вршеле претреси во зградата на Врховниот суд. Ги посетиле и локациите каде што врховниот судија Наќе Георгиев имал недвижен имот. Претреси биле направени и во Струмица, градот од каде што доаѓа судијата.

Од досега познатото, судијата е фатен со 10 илјади евра обележани пар. Сомнежот е дека судијата Георгиев ветувал олеснителни мерки во судската постапка која се води против екс градоначалникот на Ново Село, Боро Стојчев кој беше повторно уапсен, овој пат за шверц на марихуана.Георгиев извесен период бил следен и прислушкуван по надлог на Кривичен суд, а барање на Обвинителството за посебни истражни мерки.

Паралелно со големиот претрес во Врховниот суд истражителите од ОЈО за организиран криминал и од МВР влегле и во домот и во канцеларијата на Иџет Мемети, член на Советот на јавни обвинители. Георгиев и Мемети неофицијално делувале во шема така што продавале и информации од кривични постапки за осомничени и за обвинети лица.

Според информации од предистрагата, синот на осудениот ексградоначалник Боро Стојчев ги снимил со мобилен телефон како му бараат пари за наводно да му помогнат на татко му. Најверојатно веднаш ги пријавил, по што истражните органи обележале 10.000 евра колку што барале судијата и членот на Советот на јавни обвинители како цена за услугата. На тој начин судијата Георгиев бил фатен во моментот додека ги зема бележаните пари од синот на осудениот. Мемети за разлика од Георгиев, нема никаков имунитет бидејќи не е обвинител.

Иџет Мемети во два мандата (16 години) беше Народен правобранител, беше министер за правда, уставен судија, државен советник во Владата и член на Државната изборна комисија. Кратко беше без функција, па се најде веднаш на една од најголемите во правосудството – член на Советот на јавни обвинители, како истакнат правник, изгласан од парламентарното мнозинство.

Врховниот судија Наке Георгиев лани помина несанкционирано низ „филтерот“ на Судскиот совет, дури и стана негов член. Под сомнеж за земање мито од денеска е без имунитет и оддалечен од функцијата.

Сопругата на Георгиев е обвинителка од Струмица, а неговиот син заврши академија за судии и јавни обивнители, па стана судија во Кривичен суд. Судиската кариера ја почнува во основиот суд во родната Струмица од каде продолжува во штипска апелација како судија, а подоцна и претседател и од 2020 е врховен судија.

Георгиев имаше и обид да стане член на Судски совет. Тој беше единствен кандидат од Врховниот суд. На гласањето тој доби повеќе чкртаници и неважечки гласачки ливчиња отколку гласови – но беше избран. Потоа поднесе оставка за да нема судир на интереси и син му да стане судија.

За настанот денес испрати соопштение Јавното обвинителство во кое стои дека за првоосомничениот е одреден притвор, додека за вториот учесник се уште се истражува дали има основа за изрекување мерка притвор. 

„По претходна пријава од син на обвинет во предмет што се води во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, вчера во попладневните часови МВР реализираше акција во која од слобода е лишен активен врховен судија. Врз основа на доставеното известување од МВР, БЈБ, Оддел за криминалистичка полиција, Сектор за економски криминал и корупција, предметен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против две лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело Примање награда за противзаконито влијание од член 359 од Кривичниот законик.

Според сознанијата добиени од пријавителот, првоосомничениот користејќи ја својата службена положба и претпоставено влијание лажно ветувал погодности за обвинет (татко на пријавителот) во друга постапка што се води пред Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, и лажно прикажале дека ќе извршат влијание заедно со второосомничениот.

Предметниот обвинител, вчера вечер покрај предлозите за претрес на повеќе локации, ценејќи дека се исполнети условите до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за определување на мерката притвор за првоосомничениот. Со оглед на тоа што станува збор за судија во највисокиот суд во државата – Врховниот суд кој ужива имунитет, а кој е фатен in flagranti во извршување на кривичното дело, предлогот преку Основниот кривичен суд е доставен на одлучување до Судскиот совет на РСМ кој во текот на ноќта му го одзеде имунитетот, по што денеска Основниот кривичен суд Скопје ќе одлучува за предложената мерка.

Прибраните докази и извршените претреси до овој момент даваат законски основ на предметниот јавен обвинител да предложи притвор само за првоосомничениот кој е затекнат при извршување на кривичното дело, додека во однос на второосомничениот до овој момент доказите не даваат основи за да се предложи најстрога мерка за обезбедување. Истрагата продолжува до целосна проверка на сите околности и наводи“, стои во соопштението на Обвинителството.