Пресуда за „Транспортер“ нема и по речиси две години од почетокот


На 28 септември 2017 година, обвинетите во случајот „Транспортер“ за превозот на учениците во Битола, меѓу кои поранешниот градоначалник, Владимир Талески, за прв пат влегоа во судница. За неколку месеци ќе поминат две години од почетокот на судењето, дел од сметките на училиштата се блокирани, секој секому должи, а превозот на учениците уште не е регулиран. Судењето се наоѓа во доказна постапка и неизвесно е дали во текот на летово ќе слушнеме пресуда за овој случај.

Судскиот процес го почна судијката Лидија Петровска, судијката чиј глас се слушна во објавените „бомби“, но по промена на годишниот распоред на Кривичниот суд, беше преместена во одделот за прекршоци. Овој случај потоа го презеде судијката Добрила Кацарска, но на истиот датум, една година откако обвинетите за прв пат влегоа во судница, судењето пак почна од почеток бидејќи се промени Судечкиот совет, односно на еден од поротниците му истече мандатот.

И додека битолчани уште не можат да го средат превозот на учениците, поранешниот градоначалник Талески кој беше во притвор, потоа во куќен притвор, сега слободно шета и се брани од слобода. За разлика од случајот „Транспортер“, судскиот процес за крвавиот упад во Собрание, кој го водеше истата судијка, заврши за седум месеци, почна кон крајот на август минатата година, а веќе на 15 март беше соопштена пресуда. И самата судијка Кацарска, во телевизиско интервју, призна дека ако не го работела предметот за 27 април, за случајот „Транспортер“ ќе имало пресуда уште минатата година.

„Тој предмет го работев паралелно со случаите ‘Тенк’ и ‘Триста’. Во тој предмет стигнавме до фаза на изведување на материјалните докази и сме на крај. Доколку не ми беше даден во работа ‘27 април’, планирав и тој предмет да биде завршен и да има пресуда во ноември минатата година. Немаше никакво одолговлекување. Но, таму се работи за обемен предмет со над 2.000 докази и 21 обвинет. И покрај тоа, ако го немав 27 април, јас најдоцна до ноември минатата година ќе имав пресуда и по тој предмет“, рече Кацарска во разговорот за 1ТВ.

Специјалното јавно обвинителство ги товари Талевски, секретарот на општината, директори на основни и средни училишта и управители на автопревозни фирми кои го вршеле бесплатниот превоз на учениците во Битола.

Проблемот со превозот на ученици во Битола трае со години. Неколку од општинските училишта повеќе од пет години се со блокирани сметки и тешко функционираат.

Во последниве години речиси сите предмети на Специјалното јавно обвинителство се при крај, но никако да стигнат до пресуда. Прв случај на СЈО кој влезе во судница е „Насилство во Општина Центар“. Во септември, ако дотогаш не биде донесена пресуда, ќе поминат точно три години од почетокот на судењето. На последното рочиште се испитуваа сведоци предложени од одбраната.

Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева во интервју за „Независен весник“ пред неколку месеци, рече дека за еден дел од предметите на СЈО, „Насилство во Општина Центар“, „Триста“, „ТНТ“ сега треба да ги слушнеме пресудите.

„Во суштина, мислам дека еден дел од предметите, како што се ‘Насилство во Општина Центар’, ‘Триста’, ‘ТНТ’, до летните одмори ќе бидат завршени, ќе бидат донесени првостепени пресуди. Мислам дека тоа ќе биде голем успех како на обвинителството, така и на судството. Во овој период веќе се интензивирани судењата. Судиите ги насочуваат почесто предметите и задоволни сме од динамиката. Се надевам дека побргу ќе завршат и ќе имаме конечни пресуди по сите предмети. Има предмети каде што обемот на докази е голем и од тоа зависи и времетраењето на самата главна расправа“, рече Јанева.

Но тешко дека овие најави на Јанева ќе се остварат. Затоа што е многу неизвесно дали овие предмети ќе завршат летово или на нив ќе се продолжи по летните одмори.

Судиите од Кривичниот суд нема да одат на класична судска ферија, која трае од 15 јули до 15 август, туку ќе користат годишни одмори и нема да има прекин на притворските предмети. Но, за разлика од случајот „27 април“, во кој десетина лица беа во притвор, во случаите на Специјалното јавно обвинителство речиси и да нема обвинети што се во притвор. Најзвучно име меѓу обвинетите што се во притвор е поранешниот министер Миле Јанакиески. Тој е во куќен притвор, но не за случаите на СЈО, туку за организацијата на упадот во Собрание.

Сите случаи на СЈО за кои се водат судски процеси откриваат злоупотреби, но во суштина се само мал дел од големата слика за криминалот на минатата власт за кој се тврдеше дека постојат докази.

Двата најголеми предмети што се олицетворение на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, „Талир“, за незаконското финансирање на партијата и „Империја“, за офшор-фирмите преку кои се извлекувале пари од Македонија, зависат од она што ќе се договорат политичките партии за Законот за јавно обвинителство кој треба да го реши статусот на СЈО. (Ф.Ф.С.)