Пресуда за Ласкарци – за возачот 14 години, за сопственикот на „Дурмо турс“ четири

По пет години затвор добија тројца вработени од станицата за технички преглед кои го „пуштиле“ автобусот, иако виделе дека е неисправен


 

Пет години по ужасната несреќа кај скопското село Ласкарци процесот за одговорноста зошто се случи оваа трагедија денеска резултираше со судски пресуди, а најголема казна од 14 години доби возачот на автобусот Маноил Трифуновски. На затворски казни беа осудени и сопственикот на компанијата „Дурмо турс“, одговорниот за транспорт во фирмата, како и вработените во станицата за технички преглед. Вкупно 39 години.

Во ужасната несреќа, кога автобусот кој одеше од Скопје кон Гостивар излета од автопатот кај Ласкарци загинаа 16 лица, а над 30 беа повредени.

Судечкиот совет при Кривичниот суд го прогласи за виновен Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“ и му изрече казна затвор од четири години, на одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари казна затвор од шест години, а на тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боваровски, кои се товарат за соучество во истото дело, им изрече затворска казна од по пет години.

На сите нив им беше изречена и забрана за вршење професија и должност во времетраење од пет години.

Според пресудата, обвинетите Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмиш Белули“ и одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари, не се придржувале кон прописите за безбедност во масовен сообраќај, иако биле свесни дека може да настане штетна последица и со тоа предизвикале опасност за животот на луѓето кои се превезувале со автобусот.

„Дозволиле во сообраќајот континуирано да учествува технички неисправен автобус без да преземат контрола и мерки за да има исправна состојба и да учествува во јавен сообраќај“, рече судијката Диана Груевска-Илиевска.

Тројцата вработени во станицата за технички преглед предизвикале опасност бидејќи, според пресудата, иако воочиле дека има неисправности, дозволиле автобусот да помине на технички преглед.

„Поради утврденните технички неисправности на автобусот, за кои биле свесни, наместо да спречат учество на автобусот во сообраќај и да пријават во Министерството за транспорт и врски, дозволиле да учествува во сообраќај неисправен автобус“, рече судијката.

Уништениот автобус на „Дурмо турс“ по несреќата (Фото: Б. Грданоски)

Во пресудата стои дека обвинетиот Маноил Трифуновски, како професионален возач, свесен дека управува неисправно возило, на 13 февруари 2019 година, како учесник во сообраќајот го управувал автобусот со 55 патници, не се придржувал кон прописите и го загрозил јавниот сообраќај.

„Кога со автобусот дошол во близина на Ласкарци поради отсуство на внимание удрил во металната ограда“, рече судијката, која потоа го образложи случувањето на незгодата. 

Во процесот кој започна во 2019 година беа изведени повеќе вербални и материјални докази, а беше направено вештачење и супервештачење.

Процесот го водеше судијката Диана Груевска Илиевска, а обвинител беше Дарко Јакимовски.