„Преспав“ и „Витаминка“ донираа 50 компјутери на училиште во Прилеп


 Околу 50 таблет-компјутери кои на општината Прилеп ѝ ги донираа прехранбената индустрија „Витаминка“ и продукцијата „Преспав“, денеска стигнаа во рацете на учениците од прилепското основно училиште „Добре Јованоски“.Донацијата е наменета за ученици од социјално ранливите семејства за непречено следење на онлајн-наставата.

Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, кој учествуваше во денешната распределба на таблет-компјутерите, на учениците им посака добро здравје  и успешна учебна година.

-Овие таблет-компјутери пристигнуваат во вистински раце, кај учениците на кои во овој момент им се најпотребни и сигурен сум дека ќе ги искористат на вистински начин. Ова не е последен пат да донираме таблет-компјутери. Постојат најави за донации и од други компании и од невладини организации, рече Јованоски.

Според директорката на  ОУ „Добре Јованоски“ Сузана Дарковска, училиштето има најголем број ученици кои доаѓаат од социјално загрозени семејства.

-За да се запазат заштитните мерки, донацијата ќе се распределува во наредните два до три дена, рече Дарковска.