Преспанскиот договор не може да го промени ниту Скопје ниту Атина, вели грчката влада

Шефот на дипломатијата, Герапетритис, изјави дека односите меѓу двете земји се на исклучително ниво последниве пет години


Договорот од Преспа е законски текст кој ја обврзува грчката држава и парламентот, вели министерот Јоргос Герапетритис

 

Ниту македонската ниту грчката страна не може да го промени Преспанскиот договор, затоа што тој е меѓународен договор.

Ова денеска во парламентот во Атина го изјави грчкиот министер за надворешни работи, Јоргос Герапетритис, одговарајќи на пратеничко прашање на Реан Дуру од Сириза, која се интересираше зошто парламентот не ги ратификувал трите меморандуми кои чекаат од 2019 година.

Герапетритис изнесе редица добри оценки за развојот на односите меѓу Грција и Македонија по потпишувањето на Преспанскиот договор, јави дописничката на МИА од Атина.

„Нашите односи со Северна Македонија се наоѓаат на исклучително задоволително ниво, билатералните односи се развиени во последните пет години, многу повеќе во споредба со претходните 15 години и се наоѓаат во континуирана динамика. Но мора да бидеме јасни дека придржувањето кон Договорот од Преспа ќе треба да биде строго и целосно за можеме да разговараме на исто ниво“, рече Герапетритис.

Според него, предвидените меморандуми „ќе дојдат за ратификација во парламентот во време кое грчката држава ќе го оцени како соодветно и секогаш поврзано со правилното и добронамерно спроведување на одредбите од Договорот од Преспа“.

Тој нагласи дека „Договорот од Преспа е меѓународен договор што не може да се измени од никоја од страните, а грчката Влада внимателно го следи спроведувањето“. Зборувајќи за промената пасошите, тој рече дека „сè уште не постои целосна усогласеност. Прилагодувањето на патните исправи е поврзано со петгодишниот технички преоден период што го имаше соседната земја“.

„Имаше можност во периодот од пет години да ги направи потребните прилагодувања, како во однос на патните исправи, така и во однос на регистарските таблици на приватните возила. Ова до денес не е завршено, не поради одговорност на Грција, туку не е завршено бидејќи имаше бирократски, организациски или други проблеми од страна на Република Северна Македонија“, рече Герапетритис.

Според шефот на дипломатијата, грчката Влада и министерството за надворешни работи ги направиле сите неопходни дејствија, „токму поради недоволната усогласеност на патните исправи и нивното прилагодување на новото име. Во врска со ова е и формалното и официјално информирање на властите во странство, на грчките дипломатски претставништва, на властите во ЕУ како и државите членки на Европската унија за да постои целосно разбирање на имплементацијата на Договорот од Преспа“.

Герапетритис дополни дека без разлика дали некој се согласува или не со одредени поглавја од Договорот на Преспа, „за кои навремено беше посочено“, денеска договорот е „законски текст, кој не може да се модифицира, ја обврзува грчката држава, го обврзува грчкиот парламент“.

Покрај ова, тој уште еднаш ја истакна грчката поддршка за европската интеграција не само на Македонија, туку и на сите земји од Западен Балкан.

„Реалноста е дека освен придобивката што ќе ја имаат самите земји од Западен Балкан со интеграцијата во Европската Унија, туку и самата ЕУ ќе се ревитализира, ќе се надгради преку нејзиното проширување кон овој регион, регион кој како што сите знаеме, историски е многу чувствителен“, порача Герапетритис.

Според него, „Грција секогаш ќе биде во позиција да може да ги зајакне напорите, не само на Република Северна Македонија, туку и на сите земји-членки од Западен Балкан, на нивниот пат кон европското семејство“.