Преспа ја принуди Софија да го покаже вистинското лице, вели Никола Димитров

Димитров вели дека надворешната политика на сегашната влада била збир на постојани концесии спрема Бугарија


Фото: Б. Грданоски

 

Не е Преспанскиот договор причини да се разгори апатитот на Софија, туку тој го покажа вистинското лице на Бугарија, тврди поранешниот министер за надворешни работи, Никола Димитров. Тој вели дека Преспа го потврди македонскиот јазик и идентитет и тоа е она што силно ја вознемирило актуелната политика на Бугарија.

Во подолг статус на Фејсбук во кој се осврнува на контроверзната посета на бугарската делегација на Битола, Димитров (кој себеси сега се означува како „јавна фигура“) вели дека надворешната политика на македонската влада кон Бугарија е „збир на постојани концесии и на бескрајно трпение за провокации и навреди, без притоа другата страна да се помести од нивните првични позиции од некој друг век и свет“.

Тој вели: „Таквата ‘политика’ не само што го потхранува апетитот на Бугарија и потврдува дека ветото е продуктивно и работи за нив, туку не води сметка за достоинството на македонскиот народ, кој со право се чувствува навреден и онеправдан, вклучувајќи и од вчерашната парада во Битола…

Од изјавите на премиерот Петков знаеме дека нашата влада прифатила да преземе обврска да ги вметне Бугарите во Уставот, само се разговарало кога тоа да се направи: дали тоа да биде услов за почетокот на преговорите или да биде услов на следната кривина – отворањето на првиот кластер темели. Тоа значи дека сегашната влада направила двојни концесии за бугарското барање во однос на позицијата на претходната влада“.

Реакцијата на Никола Димитров се надворзува на редицата реакции по вчершната посета на големата делегација од Софија за да присуствува на отворањето на културниот клуб „Иван Михајлов“.

Димитров додава дека „преправањето оти имаме пријателски односи со земја чија актуелна политика не ни го почитува неприкосновеното право ние самите да кажеме кои сме и каков јазик зборуваме, која ни ја блокира европската иднина, е политика на себегазење. За вистинско пријателство недостасува клучен елемент – основна почит кон соседот, нешто што само ние го обезбедуваме“.