Преполна сала. Стоечки овации. Виена на нозе го поздрави настапот на Филхармонија


„Преполна сала. Стоечки овации. Виена на нозе и со бескрајно долг аплауз ја поздрави беспрекорната музичка изведба на Македонската филхармонија“, стои во објавата на Фејсбук, на националната установа. 
 
 
„Синоќа, на сцената на една од најпрестижните концертни сали во светот, во срцето на Виена, градот каде што се роди класичната музика, оркестарот на Македонската филхармонија приреди незаборавна вечер исполнета со страст, емоции и музичко совршенство.
Музичарите од нашиот оркестар, заедно со фантастичните Ана и Игор Дурловски го освоија срцето на виенската публика, која долго и со восхит аплаудираше посебно воодушевена од делата на Глигор Смокварски, Бете Илин и петте традиционални македонски песни во аранжман на композиторот Сони Петровски.
Синоќа во “Златната сала” на “Музикферајн” се слушна душата на една мала земја со големо срце. Македонија блесна таму каде што музиката е религија, а уметноста начин на живот.
Со овој концерт уште еднаш потврдивме дека вистински амбасадори на нашата земја не се политичарите, туку уметниците, оние што преку музиката ја носат сончевата светлина на нашата земја во целиот свет“, се вели во објавата на Фејсбук. 
 
 
ВЛЕН изразува посебна благодарност до директорот на Филхармонијата, Мустафа Имери, за визионерското управување, посветеноста и напорната работа што ја претворија Филхармонијата во примерна институција за успех и меѓународна културна соработка.
„Посебна благодарност им упатуваме на Министерството за култура и туризам, предводено од министерот Зоран Љутков, државниот секретар Марија Ѓоргова, амбасадорот на Република Северна Македонија во Виена, Освит Росоклија и националниот координатор за интеркултурализам, Абаз Селмани, за нивната поддршка во реализацијата на овој важен национален проект.
„Ова е пример за тоа како преку институционална соработка, професионализам и почитување на уметноста, нашата земја може достојно да се претстави пред светот“, се вели во соопштението на ВЛЕН.