„Преобразби“ – нова стихозбирка на Весна Ацевска


Излезе од печат стихозбирката „Преобразби“ од македонска поетеса Весна Ацевска. Книгата, објавена во издание на „Дијалог“ од Скопје, содржи 50 песни, сместени во четири циклуси, придружени со автопоетичкиот есеј „Зошто преобразби“.

-Живеејќи со јазикот, со таа наша жива вода од која ја црпиме својата творбена сила, и без да сакаме, ние во неа и од неа го излеваме сопствениот одраз во облик на песна или книга со песни. Што гледаме ние, загледани во непресушната јазична вода, дали е тоа нашиот сон за дело што ќе добие образ каков што сме замислиле, или делото е сепак само можност јазикот да се претстави себе во еден од своите безброј облици, се прашања што ги поставува авторката во својата поетска книга, во која преобразбите се движечка сила и лајтмотив што се провлекува низ неа.

Поимот „преобразби“ за авторката е еден вид равенка што го симболизира животот воопшто, но и метаморфозата на јазикот во лирско творештво.

На македонската книжевна сцена Весна Ацевска е присутна над четириесет години со впечатлива поетска и преведувачка дејност. Пишува поезија и проза, преведува од руски и од јужнословенски јазици. Член е на Друштвото на писатели на Македонија, на Македонскиот ПЕН-центар, на Друштвото на литературните преведувачи на Македонија, на Интернационалното друштво „Калеваласеура“ во Хелсинки и на Славјанската литературна и уметничка академија во Варна. Застапувана е во разни антологиски избори на современата македонска поезија во земјата и во странство. Нејзини поетски избори се објавени во Македонија, Романија, Хрватска, Србија, Бугарија, Полска и во Турција..

За нејзиното поетско творештво, под наслов „Ехо на ентелехијата“, посветен е двоброј од списанието „Стремеж“ (2008). Ги добила наградите за поезија „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата (2009) и „Ацо Шопов“ на Друштвото на писателите на Македонија (2012), а двапати ја добила наградата „Григор Приличев“ за препев на финскиот еп „Калевала“ (2000) и на нордискиот еп „Стара еда“ (2009). Носителка е на државната награда „Св. Климент Охридски“ (2016).