Пренамената на комбињата за Итна помош би чинела 80.000 евра


По 10 илјади евра од комбе би чинело доопремувањето и пренамената на осумте комбиња на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за кои Министерството за здравство одлучи да бидат искористени во Итната помош, дознава „Независен весник“ од извори во Министерството за здравство. Проценката ја направи Секторот за медицинска опрема, а возилата ќе се користат за транспорт на пациенти. Станува збор за комбиња од марката „пежо боксер“ произведени во 2012 година и речиси некористени.

„Секторот за медицинска опрема направи проценка на комбињата кои треба да се доопремат. Министерството за здравство одлучи да ги земе, а ќе бидат искористени за транспорт на пациенти. Во комбињата има плакари, потребно е само да се адаптира за количка. По изборите, ќе биде распишан тендер за избор на фирма што ќе ги доопреми. Искрено верувам дека сумата од 10 илјади евра по комбе ќе падне и дека за помалку пари ќе се направи пренамената, а ќе се заврши добра работа“, велат извори за „Независен“.

Освен овие возила, Министерството набави и 12 амбулантни возила за Итната медицинска помош кои ќе бидат распределени низ градови во земјава, но најмногу ќе бидат за Скопје. Од Министерството велат дека кај увозникот веќе се стигнати три од возилата, а другите етапно ќе доаѓаат. Со новонабавените возила и оние што ќе бидат пренаменети министерот за здравство Венко Филипче неодамна порача дека ќе се дополни бројот на возила што недостигаат во Итната помош.

Додека стигнат сите возила, вработените во службата за Итна медицинска помош ќе се соочуваат со старите главоболки, оти оние што ги имаат и се користат често се расипуваат, а работат и со малку кадар. Филипче вети дека ќе бидат вработени 40 нови доктори по изборите, а вработувања ќе има и во службите во другите градови.

Иако досега требаше да биде готова, сè уште е во изработка физибилити-студијата која треба да покаже дали јавно-приватно партнерство, како модел на функционирање, може да се примени за Брзата помош. По нејзината изработка, ќе следуваат анализи и дебата.

„Фирмата што беше избрана на тендер да ја изработи физибилити-студијата не ги собрала сите потребни податоци. Побараа продолжување на рокот, да ја изработат студијата, така што направивме анекс-договор за продолжување за уште 30 дена, кои веќе течат. Кога ќе биде готова, ќе отвориме јавна дебата во која ќе бидат вклучени вработени од Брза помош, лекари, сестри, од болниците и од здравствените домови“, наведе министерот Филипче.

Тендерот за изработка на физибилити-студијата и анализата на можностите и капацитетите на услугата Брза помош и домашна посета, со цел изнаоѓање најдобар модел за воспоставување јавно-приватно партнерство, го доби Друштво за вештачења, консалтинг и обуки „Басме-КТ“ ДОО Скопје.

Вероника Мароска-Леова