Преминати границите меѓу Швајцарија и Италија: За сѐ се виновни климатските промени


Швајцарија и Италија повторно нацртаа дел од својата граница на Алпите, поради топењето на глечерите, што е предизвикано од климатските промени.

Станува збор за областа под Матерхорн, една од највисоките европски планини, која е во близина на бројни популарни скијачки центри. Имено, големи делови од швајцарско-италијанската граница се дефинирани со глечери или области со постојан снег. Сепак, топењето на глечерите резултираше со поместување на овие природни граници, што доведе до фактот дека двете земји сакаа да ја поправат границата.

На 27 септември Швајцарија одобри договор за оваа промена, а наскоро се очекува и Италија да го стори истото. Нацртот на овој договор беше утврден во мај минатата година. Според статистичките податоци од септември минатата година, швајцарските глечери изгубиле четири отсто од својот волумен во 2023 година, што е најголема загуба од 2022 година, кога загубата изнесуваше шест отсто.

Швајцарските власти соопштија дека границите се редефинираат во согласност со економските интереси на двете страни. Кога Италија ќе го усвои договорот, ќе следи негова имплементација, јавува Би-Би-Си.