Премиерот нема информации за можно поскапување на струјата


 

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека до овој момент нема информација за евентуално поскапување на струјата. Како што оцени денеска, состојбата е стабилна и конслидирана, а Владата, и покрај сите предизвици, навреме презема мерки за да нема ценовен шок и да има електрична енергија.

Мицкоски, одговорајќи на новинарски прашања, за идната недела најави „пријатно изненадување“ поврзано со енергетиката и сигурноста во снабдувањето со енергенси.

Ваучери за инвертери за домаќинствата, како што информира премиерот, ќе има и идната година.

„До овој момент немам информација дека ќе има зголемување на цената на електричната енргија. Зимата ќе биде предизвикувачка, имајќи предвид со што се се соочува Европа и какви се временските прогнози. Затоа презедовме мерки за да не дојде до ценовен шок и до поскапување на струјата. Како тоа на крај ќе заврши, зависи и од Регулаторна комисја за енергетика“, истакна Мицкоски.

Тој рече дека оваа Влада го почна мандатот со одлуката од претходната, која обезбеди 85 отсто од потребите на граѓаните од 1 јули до 31 декември.

„Веќе сме средина на ноември, ние ја зголемивме количината на 100 проценти, а притоа не дојде до поскапување на струјата. Компанијата се консолидира, ја посетивме РЕК Битола, околу 200 – 250 илјади тони имаме на депонија, на греда, таа состојба беше на нула, имаме парче кое се ископува од 1,5 милиони, се увезува јаглен по 10, 15, 20 отсто пониски цени, режиските трошоци се намалени за 15 отсто. Заштедата ќе биде околу половина милијарда денари кога ќе заврши целиот процес. Следната недела, среда, четрток, очекувам пријатно изненадување кога станува збор за енергетиката и сигурноста во снабдувањето со енергенси“, подвлече Мицкоски.