Премиерот го брани именувањето на поранешниот шеф на партијата во Скопје за директор на АНБ
Нема никаква политизација во Агенцијата за национална безбедност, а на новоименуваниот директор Бојан Христовски му била нанесена неправда во минатото во случајот со безбедносниот сертификат. Таа грешка била исправена, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Премиерот тврдеше дека кога се трансформирала Управата за безбедност и контраразузнавање во Агенција за национална безбедност (АНБ) и кога се правела селекција, поранешни високи структури од Агенцијата за разузнавање, и во Управата за безбедност и контраразузнавање и АНБ ги профилирале луѓето и врз основа на тие профилирања гледале како да им наштетат преку лажни вести и клеветнички дописи, злоупотребувајќи ги институциите во коишто работат.
„Преку таа неправда што му беше нанесена на Бојан Христовски не му беше даден безбедносен сертификат. Откако се констатираше грешката, таа се исправи, Бојан Христовски има безбедносен сертификат и апсолутно не гледам причина зошто човек што го поминува речиси својот цел работен век во безбедносниот сектор да не ја извршува успешно челната позиција во АНБ“, рече Мицкоски.
Владата вчера на седница го разреши директорот на Агенцијата за национална безбедност Зарко Милошевски, а на негово место го именуваше Бојан Христовски, кој подолго време е во безбедносните институции. Кратко време беше директор на градското претпријатие „Паркинзи Скопје“, а на директорската позиција доаѓа од Министерството за внатрешни работи. До лани тој и официјално беше член на ВМРО-ДПМНЕ, па дури и претседател на Градскиот комитет на партијата.
Од СДСМ денеска реагираа дека со назначувањето на Христовски за директор на АНБ, „власта на Мицкоски и ДПМНЕ спроведуваат опасна партизација на Агенцијата и на клучните безбедносни институции“.
„Нов директор на Агенцијата за национална безбедност е всушност претседателот на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е спротивно на Законот за АНБ кој јасно предвидува дека директорот на Агенцијата не смее да биде член на политичка партија или нејзин орган. Целта на овие законски одредби е да се избегне злоупотребата на безбедносните служби за партиски цели, како што тоа се случуваше во минатото. Со поставувањето на лице кое само до 2023 година беше претседател на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, оваа партија директно го прекршува член 10 од Законот за АНБ“, изјави на прес-конференција пратеникот Миле Талески.