Преку јавна расправа до Националната стратегија за сајбер-безбедност 2024-2028
Шеесетина претставници од јавните институции, експертската јавност и граѓанскиот сектор денеска учествуваат на јавна расправа за донесување на Националната стратегија за сајбер-безбедност 2024-2028, соопшти министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.
На прес-конференција тој истакна дека стратегијата е стратешки документ и „сеопфатна рамка за акција која ќе обезбеди координиран национален одговор на современите сајбер-закани и ќе придонесе за побезбедна дигитална иднина на нашата држава“. Изработена е, рече, со највисоко ниво на транспарентност и инклузивност зашто ги вклучила сите засегнати страни.
-Оваа стратегија претставува камен-темелник во нашите напори за создавање безбеден и доверлив дигитален простор во Република Македонија. Таа е дел од барањата на Европската Унија забележани во Извештајот за оваа година, барања од нашите меѓународни партнери од НАТО, но најмногу е од значење за безбедност на интернет на граѓаните и на институциите, рече Андоновски.
Појасни дека стратегијата има пет столба – првиот е градење силни национални капацитети за сјабер-безбедност со воспоставување квалитетна структура која ќе овозможи да ги зајакнеме нашите одбранбени капацитети во сајбер-просторот. Како што рече, во сржта на оваа структура ќе биде новиот сектор за сајбер-безбедност во рамки на Министерството за дигитална трансформација.
-Овој сектор ќе биде почетна позиција за градење на политиките и стандардите за сајбер-безбедност, но ќе дејствува и како единствена точка за контакт и координација на сите активности поврзани со сајбер-безбедноста, рече министерот.
Вториот столб се однесува на отпорност и безбедност на нашите суштински важни субјекти т.е. заштита на критичната инфраструктура, како што рече – од енергетскиот сектор до финансиските институции, од здравствен систем до транспортната мрежа.