Прекината е исплатата на 400 илјади евра за 15 корисници на ИПАРД, но тоа е само врвот на ледената санта
Од Министерството за финансии не знаат кога ќе се продолжи со исплатите. Нема одговор уште колку барања се во процедура на одобрување од Платежната агенција
Стопирана е исплатата на петнаесет корисници на ИПАРД 3 Програмата во износ од 400 илјади евра, потврдуваат официјално од Министерството за финансии за „Независен“. Но, останува нејасно што ќе се случува со поднесените барања за исплата коишто се во процедура на одобрување во Платежната агенција и барањата кои, според договорите, треба да се поднесат во периодот што следи? Колку корисници и колку средства се во прашање?
Стопирањето на исплатата следува по избивањето на големиот корупциски скандал во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој откако директорот Илија Стоилев и неколкумина службеници се притворени за поткуп од околу 50 илјади евра.
Министерството за финансии одговарајќи на прашања на „Независен“ потврдува дека одлуката за времен прекин на исплата на средствата од ИПА/ ИПАРД програмата значи дека во овој момент Платежната агенција не смее да презема финансиски импликации односно „не смее да се склучуваат нови договори и да се вршат исплати за веќе склучени договори“.
Од Финансии велат дека во тек се дополнителни проверки во процесите на работа на Платежната со цел да се утврди регуларноста на постапките и да се добие увереност дека може да се продолжи со исплата на договорите, а тоа би значело и повлекување на времената одлука за прекин на исплатата на плаќања од страна на Националните структури.
„Сите барања за исплата со рок за исплата до 31.12.2025 година се исплатени, освен 15 корисници за кои треба да се исплатат околу 400.000 евра, кои се одобрени од страна на Агенцијата, но поради новонастаната ситуација тие не се доставени до МФ на исплата.
Во рамките на АФПЗРР процесите на работа продолжуваат, односно се обработуваат пристигнатите апликации и барања за плаќања, а истите ќе бидат процесирани при повлекување на суспензијата“, стои во одговорот од МФ за „Независен“.
Тука се отвора прашањето на кое Министерство за финасии засега нема јавен одговор – колкав е бројот на поднесени барања за исплата кои се во административна процедура и која е таа сума што требало да оди на сметка на корисници?
Министерство за финансии вели дека за последните две години, односно од периодот за имплементација кој е започнат од 6.11.2023, до овој момент имаат „исплатено 274 договори во износ од 8.266.375 евра европски средства и 2.754.487 евра национални средства од ИПАРД 3 програмата“.
Целосната сума на ИПАРД 3 Програмата изнесува 97 милиони евра европски средства и 31 милион евра национални средства.
Периодот за имплементација започнат 2023 година трае до 31.12.2030.
Во моментов според МФ, се обработуваат следните апликации од кои би се склучиле договори:
Мерка 1 – 27 барања, вкупна финансиска подршка 7.415.334 евра
Мерка 3 – 24 барања, вкупна финансиска подршка 7.427.824 евра
Мерка 7 – 22 барања, вкупна финансиска подршка 4.945.954 евра
„Приоритет на службите на Министерство за финансии е да се осигура регуларност и легалност на процесот и во најкус можен рок да се одблокира процесот без да предизвика штета на корисниците, како и на угледот на самата Програма и на државата во целина. Во самиот процес на контрола и проверка вклучивме повеќе структури и органи на државната власт, а со цел да се добие уверување дека воспоставениот систем гарантира легалност и регуларност на процесите со што би се отстраниле времениот прекин на исплати и склучување договори“, наведуваа од МФ.
Пет лица се под истрага и во притвор за поткуп и примање мито за случајот поврзан со распределба на европски пари од ИПАРД програмата, неповратна помош што Европската унија ја доделува за македонското земјоделство. Првоосомничен е тој што го дал поткупот за да добие средства од ИПАРД 3, или појасно кажано правното лице, тројца вработени службеници во МЗШВ и УЈП се посредници на кривичното дело, додека директорот на Платежната агенција, Илија Стоилев, е осомничен за примање поткуп-ветување во износ од високи 50.000 евра.
Министерот за земјоделие Цветан Трипуновски најави дека за брзо ќе има нов директор на Платежната агенција со цел работењето да продолжи со нормална динамика. Тој не чувствува никаква одговорност за огромниот скандал во неговиот ресор, еден од најголемите во државава во последниве десетина години.