Преговорите со Македонија сѐ уште не се на дневен ред на ЕУ
Португалското претседателство треба да го одржи вториот министерски состанок за општи работи идната недела, но проширувањето и преговорите со Северна Македонија и натаму не се на дневен ред, јавува дописничката на МИА од Брисел.
На 23 февруари ќе се одржи вториот состанок на министрите за европски прашања откако земјите членки во ЕУ за прв пат не усвоија никакви заклучоци за западниот Балкан, а Северна Македонија беше блокирана од страна на Бугарија за почетокот на преговорите поради билатералниот спор.
-Ни на овој состанок нема да биде прашањето на дневен ред, немаме коментар за ова во моментов, работиме на овие прашања, но, нема да бидат дел од дискусиите, изјави висок дипломатски извор од Брисел за МИА.
Во декември минатата година по макотрпни преговори помеѓу земјите членки на ЕУ, Чешка и Словачка одлучија да ги блокираат заклучоците за проширувањето поради инсистирањето на Софија да се вметне реченица поврзана за “погрешното толкување на историјата“. Претходно Софија ја блокираше и преговарачката рамка за Северна Македонија.
Ова беше прв пат во историјата да нема никакви заклучоци за западен Балкан на декемвриски самит на ЕУ.
Од тогаш темата не е вратена на дневен ред. Според некои дипломати во Брисел се чека на подобра атмосфера во Бугарија после изборите како и на напредокот помеѓу Скопје и Софија во нивните билатерални односи.