Предновогодишно, жално Скопје

Конструкцијата за елката се поставуваше вчера, за денеска конечно да биде обложена со зелено платно, па може да се надеваме дека до вечер и ќе светне. Но, тоа нема да се случи организирано, како претходните години.


Фото: Б. Грданоски

Новогодишните празници скопјани може да ги дочекаат и на плоштад, кој конечно денеска почна да се кити.

Се постави елката, ланскиот тунел во вид на срце, а накитени се и неколку од главните булевари кои поминуават низ центарот, како „Илинденска“, улицата пред Собранието. 

Но, тука сопира украсувањето на главниот град, по повод новогодишните празници.

Фото: Б. Грданоски

Градоначалничкта Данела Арсовска, откако го раскина договорот со фирмата за украсување на Скопје, потоа со истата фирма договори украсување на Скопје како донација, за што Градот нема да даде ни денар.

Тоа наиде на потсмев кај скопјани, кои предлагаа различни начини како секој да го доживее Скопје накитено, макар и со „миризлива елкичка“ во автомобилот. Секако, елка има во ГТЦ, секоја продавница има своја елка, секоја куќа ја накити својата, само Скопје чека.

Фото: Б. Грданоски

Арсовска смета дека Скопје се кити, дека поставени се и куќичките за „Винтерленд“, кој денеска наводно е почнат, но од прошетката на нашиот фотограф низ центарот на градот се гледа дека тие се затворени, а поставени беа всушност за одржување на Денови на италијанската храна минатиот викенд.

Фото: Б. Грданоски

Конструкцијата за елката се поставуваше вчера, за денеска конечно да биде обложена со зелено платно, па може да се надеваме дека до вечер и ќе светне. Но, тоа нема да се случи организирано, како претходните години.

Фото: Б. Грданоски

На прашање дали ќе има новогодишна програма, градоначалничката Арсовска на денешниот брифинг рече дека нивна желба е да има македонска музика, а за тоа се во преговори со наши музичари. Но, ништо конкретно, а не се знае ни дали некој ќе се нафати. Сето ова на само две недели пред Нова година.

Фото: Б. Грданоски

Додека другите главни градови од регионот се фалат со програми за дочек на Нова година, со украсени центри, Скопје чмае во некоја тажна атмосфера, спремен да штеди.

Во услови на пандемија од корона вирус, вакво колебање околу Нова година можеби и е оправдано, но и лани бевме во ковид-криза, па сепак, плоштадот во Скопје беше „жив“ преку ден, со бројни занимации првенствено за најмладите. Годинава, останува да видиме дали новогодишната атмосфера ќе го зафати нашиот град.