Предлозите за уставни судии конечно на дневен ред
Утврдувањето на предлог за избор на судии на Уставниот суд е една од точките на дневен ред на Комисијата за прашања и именувања, што значи дека денеска е можно членовите на Комисијата официјално да ги предложат имињата на новите уставни судии кои треба да ги заменат оние чиј мандат истече пред неколку месеци.
Тања Васиќ, Љубомир Јовевски и Фатмир Скендер ќе бидат предлозите кои власта денеска на ќе ги предложи за нови уставни судии. Комисијата е закажана вчера од новата претседателка Марија Ѓорѓиевска. Опозицијата ги предлага професорите Саво Климовски и Родна Живковска, Тодор Витларов, обвинител од Штип, Весна Јовановска, судијка во Управен суд и Бранко Секуловски, поранешен судија и претседател на Судот во Гостивар.
Уставниот суд неколку месеци е речиси блокиран и работи само со четворица судии. Претседателката Добрила Кацарска повеќе пати апелираше до Собранието да избере судии, а неколкупати поради немање доволно мнозинство се одложи и гласањето за некои иницијативи.