Предлогот да се продолжи кризната состојба со топлинска енергија пред пратениците
Предлог одлуката на Владата да се продолжи рокот за постоење на кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија во Скопје до 30 април годинава денеска е на дневен ред на собраниската Комисија за одбрана и безбедност и на Законодавно-правната комисија, по што за неа треба да се одлучува и на пленарна седница.
Владата на 17-ти минатиот месец, на предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, донесе Одлука за постоење кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија на територијата на Скопје, а потоа на седницата на 10 февруари донесе одлука за одобрување на продолжување на нејзиниот рок до 30 април годинава. Предлог одлуката треба да стапи во сила со денот на објавувањето во Службен весник и да почне да се применува од утре.
Законодавно-правната комисија, пак, на одделна седница треба да ги разгледа предлог законите за изменување и дополнување на законите за внатрешни работи и за полиција, во второ читање, предлог на законите за изменување на Законот за Царинската тарифа, на Законот за издавање на обврзници на Република Северна Македонија за денационализација, и на Законот за платниот промет, сите по скратена постапка. Дополнително, пред Законодавно-правната комисија е и Предлог законот за ратификација на Договорот за соработка во туризмот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Косово.