Владата предлага амнестија на затворениците кои се осудени до шест месеци затвор

Амнестијата нема да се однесува на најголемиот број кривични дела. ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе се обиде да ја блокира


 

Министерството за правда го подготви предлог-законот за амнестија со кој се овозможува ослободување и намалување на затворски казни за лесни кривични дела. Се очекува тој да биде усвоен на наредната седница на владата.

Предлог-законот беше доставен и до координаторите на пратеничките групи во Собрание кои треба да дадат свои забелешки и сугестии, информира Министерството за правда. Целта е да се овозможи растоварување во казнено-поправните установи со оглед на фактот што состојбата таму во изминатиот период е алармантна, а тоа беше потенцирано во бројни меѓународни извештаи како и од Комитетот против тортура во рамките на Советот на Европа. 

Со законот се предлага лицата на кои им е изречена казна затвор до 6 месеци потполно да се ослободат од издржување на казната. Осудените лица на кои им е изречена казна затвор над шест месеци, се ослободуваат од издржување на 30% од целокупната казна изречена со правосилна пресуда.

Амнестијата не се однесува на лицата кои се осудени на доживотен затвор, за кривично дело убиство, за кривични дела против изборите и гласањето, против половата слобода и половиот морал, против државата,  против човечноста и меѓународното право, за кривичните дела ,,Злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353,  ,,Несовесно работење во службата“ од член 353-в, сите од Кривичниот закон, за кривични дела против јавниот ред од членовите 394 до 394-г од Кривичниот законик, како и за кривични дела сторени при вршење на семејно насилство и родово-базирано насилство.

Амнестијата не се однесува за кривични дела ,,Разбојништво“ од член 237 став 5 и „Разбојничка кражба“ од член 238 став 5 од Кривичниот законик, за кривичните дела „Измама на штета на средства на Европската унија“ од член 249-а, ,,Перење пари и други приноси од казниво дело“ од член 273, ,, Злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353, „Несовесно работење во службата“ од член 353-в, ,,Примање поткуп“ од член 357, „Давање поткуп“” од член 358, „Давање награда за противзаконито влијание“ од член 358-а и за „Примање награда за противзаконито влијание“ од член 359, сите од Кривичен законик.

Амнестијата не се однесува на лицата кои делата кои се предмет на амнестија ги сториле по 1 септември 2023 година.

Амнестијата не се однесува на лицата кои во време на сторување на делата биле избрани и именувани лица во Република Северна Македонија.

Амнестијата не се однесува на правосилно осудени лица за кои до денот на влегувањето во сила на овој закон  е наредено издавање на потерница поради недостапност на органите за кривичен прогон.

Пред да стигне ова соопштение на Миниетрството за правда, амнестијата ја најави Народниот правобранител. Насер Зибери денеска во Штип амнестијата и намалувањето на затворските казни за 30 отсто е само еден од начините за намалување на прекубројноста во затворите, посебно во „Идризово“ затоа што таму ситуацијата е крајно загрижувачка. Тој смета дека и алтернативните мерки се начин за надминување на проблемите со прекубројноста во затворите. Тој ги наведе прохабицискиот систем и системот на алки. „Ги охрабрувам судовите да бидат посмели во изрекувањето на овие алтернативн мерки, иако морам да признаам дека во последните три години алтернативните мерки имаат голем раст при изрекувањето казни од страна на судовите, посочи Зибери. 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, денеска изјави дека партијата „преку демократски алатки ќе го блокира новиот Законот за амнестија што го подготви власта“.

„Законот е амнестија на криминалци за кои одредени политички партии во минатото даваа ветување дека или ќе бидат ослободени целосно или делумно. Таквиот закон не одговора ниту на потребите, ниту на очекувањата на граѓаните, Во име на тоа ВМРО-ДПМНЕ не само што нема да го поддржи овој Закон за амнестија, туку и истиот, преку демократски алатки, ќе го блокира“, рече Мицкоски.

Од Министерството за правда не наведуваат податоци за колку затвореници би можел да се однесува предложениот закон за амнестија.