Предизвиците од пазарот на електрична енергија во Македонија

Она што е јасно е дека произлегуваат три главни предизвици за Македонија за пазарот на електрична енергија


Флуктуациите на цената на електричната енергија на пазарите на електрична енергија го побуди интересот на јавноста за енергетиката која претежно се третира како услужна дејност и како премногу инженерска, а само понекогаш и како економска тема. Решенијата треба да се бараат во пресекот на овие феномени со целосна дисциплина од регулаторот и од оние кои носат политики во енергетиката и во другите сектори. Корисникот не треба да се занимава со енергетскиот и економскиот аспект позади магичното осветлување на просторијата после лаконското и рутинско притискање на прекинувачот кога ќе влезе во просторија. Ова посебно сакам да го потенцирам бидејќи во последно време се повеќе вината не се бара во оние кои се платени за решавање или превенирање на проблеми туку со една болна леснотија вината се бара во населението и во корисниците на приватни и јавни услуги. Се надевам дека нема да се најде некој да побара вина од потрошувачите бидејќи не измериле дека квалитетот на електричната енергија не е таков за да обезбедува 50 херци.

Македонија кон пазар на електрична енергија

Важно е да се потсетиме дека моделот на единствен купувач “Single buyer model” е оној кон кој премина електроенергетскиот систем на Македонија по неговото вертикално дезинтегрирање. Од старото ЕСМ произлегоа АД ЕЛЕМ (производител на ЕЕ во државна сопственост сега АД ЕСМ), АД МЕПСО (пренос на ЕЕ во државна сопственост) и АД ЕВН (дистрибуција и продажба на ЕЕ во приватна сопственост).

Моделот на единствен купувач беше доста едноставен. Имено, со овој систем се бара од производителите да го предаваат целото свое производство на преносниот оператор за да се обезбеди нивен еднаков третман. Овој модел не овозможува производителите да склучуваат директни договори со дистрибутивните оператори.

Позитивно за овој модел беше што овозможуваше диспечирање на електрична енергија во реално време со добро балансирање бидејќи практично нема разлика помеѓу планираните и актуелните нивоа на побарувачка и понуда. Понатаму, моделот на единствен купувач ги следи законите на физиката, а не на договорите и на финансиите па оттука не бара економско правни инструменти кои со кредибилитет, искуство и знаење ќе го чуваат пазарот од ризици.

Главни придвижувачи за либерализација на пазарот на електрична енергија произлегува од идеите на либералната пазарна економија од 80-тите за дерегулација, вертикално дезинтегрирање и приватизирање на секторот на производство и дистрибуција освен делот на трансмисија кој е приватен монопол. Почнувајќи од 80-тите се јави мантрата дека државното не чини и дека дерегулацијата и приватизацијата е спасот, па така и во електро-енергетскиот сектор се почна со приватизацијата. Понапредни пазари со големо искуство, особено оние на нордискиот пазар, се развиваат уште од 90-тите.

Македонија по осамостојувањето во прво време повеќе го следеше бранот на движењата во ЕУ, со регулаторна комисија и јавен сектор кој немаше искуство. Оние кои носеа политики никако не го услогласија нивниот краток политички циклус со потребите за инвестирање кој е со подолг временски циклус во енергетиката. Поради тоа и стратегиите за енергетика не се реализираат, а тендерите за големи енергетски објекти или не се распишуваат или се објавуваат по неколку пати безуспешно.

Пред десетина години се јавија и домашни притисоци за натамошно либерализирање на пазарот на електрична енергија претежно од трговците со електрична енергија кои секако легитимно ја оценија профитабилноста на секторот трговија со електрична енергија. Регулативата за овој пазар е регулирана во Законот за енергетика и подзаконските акти на независниот регулатор. После неколку закони за енергетика од осамостојувањето, на сила е Законот за енергетика од 2018 година.

Првите неколку набројани цели од Законот од член 2 се гледа дека не се исполнети имајќи ја во предвид реалноста и случувањата на пазарот на електрична енергија, однесувањата на играчите, отпуштањето од работа на раководство од играчите, неетичкото однесување на МЕПСО кон надворешните партнери и друго. Овде таксативно ги презентирам неколку од целите на овој закон за да може сами да донесете мислење за тоа дали се исполнети тие цели:

  • сигурно, безбедно и квалитетно снабдување со енергија на потрошувачите во согласност со стратешките определби во областа на енергетиката; (м.з. дали снабдувањето е со овие квалификации и дали е согласно стратешките документи во областа на енергетиката?)
  • ефикасен, конкурентен и финансиски одржлив енергетски сектор, заснован на начелата на недискриминација, објективност и транспарентност, којшто обезбедува високо ниво на сигурност во снабдувањето со енергија (м.з. дали е конкурентен, финансиски одржлив со сите набројани начела?)
  • безбедно, сигурно и ефикасно функционирање, одржување и развој на системите за пренос и дистрибуција на електрична енергија и природен гас, како и системите за дистрибуција на топлинска енергија заради обезбедување на високо ниво на услуги за потребите на корисниците на овие системи; (м.з. дали се развива преносот ефикасно кога Македонија плаќа пенали за неискористеност од страна на МЕПСО на средства од меѓународни финансиски институции?)
  • примена на воспоставените меѓународно усогласени правила за прекугранична размена на електрична енергија и природен гас (м.з. неетичкото однесување со повлекување на хавариска електрична енергија од странските партнери е срам за државата?)…итн

Циклични, структурни и други предизвици на пазарот на електрична енергија

Оваа колумна секако не е замена за една целосна анализа со соодветни препораки но може да даде иницијатива за посериозно мониторирање на овој сектор и евалуација на научените лекции за да може да се подобри барем нешто и барем малку ситуацијата бидејќи партиските најави за буџетска подршка за снабдување на електрична енергија не е и не смее да биде трајно решение.

Прво, за посебна анализа е изјавата на претставници од Стопанската комора дека не се баш задоволни од либерализацијата на пазарот на електрична енергија. Ова зборува многу за тоа како се либерализираат пазарите во Македонија кога се задоволуваат набрзина номинални глобални барања без да се води сметка за подготвеноста дома. Стопанска комора најавува формирање на олигопсонија што е уште еден вид на пазарна девијација во услови кога пазарите не се ефикасни и не се добро регулирани. Ваква реакција на Стопанска комора доаѓа или од раскинување на договори од страна на лиценцирани трговци и/или од проценките дека во иднина профитите на трговците ќе бидат доста повисоки па зошто и тие да не заработат. И во двата случаеви има или ќе има предизвици. Во првиот случај се поставува прашањето како е можно еднострано раскинување на договор, како е тоа регулирано во договорите, кој арбитер е надлежен за постапување, која е овде улогата на РКЕ, зошто во договорите РКЕ или законот не предвидел клаузули за гаранции или фонд кој би се искористил при вакви вонредни пазарни движења, дали РКЕ ќе им ги одземе лиценците на тие оператори кои раскинуваат договори, дали РКЕ прави анализа што значи тоа од правен и економски аспект за пазарот на електрична енергија во Македонија итн.

Второ, структурниот проблем за нас е неспособноста на владите да водат долгорочни проекти од областа на енергетиката до нивно реализирање во инсталирани MW на капацитет. Причините структурно се главно и во некомпатибилноста на краткорочниот политички циклус и долгорочното потребно време за планирање и за ерекција на електрани.

Трето, во недостаток на сопствена визија и правец за развој слепо се следат глобални трендови без соодветна оценка што тие трендови ќе значат за Македонија на среден и на долг рок. Имено, се јавува кратковидост и неразбирање на она што значи обновливи извори на електрична енергија која е некомпатибилна со потребната зголемена побарувачка на електрична енергија. Имено, додека побарувачката во државата е порасната и побарува базна примарна енергија, во фокусот на оние кои носат политики беше лукративното обновливи извори (особено за малите хидроелектрани) кои можат само да пеглаат шпицови на побарувачка, но не и зголемената побарувачка за базно производство. Индустријата структурно се промени кон повеќе МСП и кон странски инвеститори кои ја зголемија побарувачката, а и навиките на индивидуалните потрошувачи од разни причини се променети кон повисока побарувачка на електрична енергија. Во тоа дури и државата активно учествуваше со субвенционирање на инвертори без да се праша што тоа ќе значи од економски аспект во иднина на нето ниво (навидум меѓусебно контрадикторните цели за решавање на проблеми со загадување, енергетика, економски перформанси, јавен долг, буџетски дефицити).

Четврто, цикличните движења се поради глобалното економско заздравување од КОВИД кризата и потребата за повеќе енергија за производство во реална економија која остана без залихи и без суровини. Ова се поклопи и со сезонскиот ефект за користење на електричната енергија за загревање која пак беше и субвенционирана и од државата преку купување на инвертори со што се гледа дека политиките се носат лукративно, палијативно, за клиентелизам и популизам, а не и за долгорочно решавање на проблеми.

Петто, се глобалните причини во кои енергенсите се користат за остварување на глобални цели кои овде нема да ги коментираме.

Она што е јасно е дека произлегуваат три главни предизвици за Македонија за пазарот на електрична енергија. Првиот се однесува на чисто парцијален еквилибриум на понуда и побарувачка. Имено, со структурните промени на индустријата и на навиките на индивидуалните потрошувачи се бара зголемување на базното производство кое ние го немаме.

Ова не води до вториот предизвик кој е од политичка економија и се однесува на краткиот политички циклус кој не е доволен за организирање на потфат на планирање, изградба и лиценцирање и ерекција на производител на електрична енергија на базно производство. Во оваа категорија влегува и праксата на вработување на несоодветни кадри, на јавни набавки на пример на стилизирани фотељи на кои бевме сведоци кои се непримерни на потребите и на куповната моќ на населението т.е. јавните средства се трошат на неефикасен, неекономичен и неефективен начин.

Третиот предизвик е што во Македонија се брзаше со либерализација на пазарот на електрична енергија без да се зајакне капацитетот на РКЕ, без да се истражат странските искуства, а со лиценцираните оператори за тргување видовме дека одлично работат само кога коњуктурата на пазарот значи нивен приватизиран профит но во променети услови на пазарот трошоците ќе ги социјализираме сите даночни обврзници. Значи треба да се преиспита пребрзата либерализација. Овде сакам да укажам дека дури и да имаме доволно домашно производство за задоволување на домашни потреби, со либерализацијата како што е сега поставена повисока е веројатноста дека тоа производство ќе биде продадено на некого, на пример во Германија, бидејќи тие секогаш ќе понудат повисока цена, отколку на некого во Македонија со пониска куповна моќ. Во такви услови е добро ако не сме земја членка на ЕУ бидејќи тогаш дури и ќе имаме забрана за ограничување на извоз поради нарушување на заеднички пазар. Во оваа насока е и неспособноста на оние кои носат одлуки за овие 30-тина години да го доведат поголемиот стратум на населението до соодветна куповна моќ за да може да има куповна достапност до електрична енергија. Посебен предизвик за јавните финансии ќе биде тоа што енергетската сиромаштија засега голем број на граѓани и не е инцидентна појава која се става во графата на само социјална потреба. Не може социјален случај да бидат голем процент од граѓаните.

(Марјан Николов е претседател на Центарот за економски анализи)