Пред 7 години научила да вози велосипед, сега носи два златни медали од ОИ


Вообичаена заблуда е дека за да бидете врвен спортист, треба да започнете да тренирате како дете.

Кристен Фокнер е американска велосипедистка и е доказ дека тоа не е секогаш правило.

Имено, пред седум години, кога имала 24 години, таа научила да вози велосипед, а пред четири години почнала професионално да се занимава со велосипедизам. Таа деновиве на Олимписките игри во Париз освои не еден, туку два златни медали и тоа во првиот настап.

Таа пораснала во Алјаска, а студирала на Харвард, каде што тренирала веслање.

По дипломирањето, се преселила во Њујорк поради работа, а додека живеела таму, се занимавала со велосипедизам. Таа се возела пред работа во раните утрински часови, а кога сфатила дека е добра во тоа, се преселила во Калифорнија и почнала сериозно да тренира таму.

„Сè уште се штипкам. Ќе ми треба долго време да поверувам во тоа. Целта ми беше само да стигнам до Олимпијадата, а потоа да донесам медал дома. Значи, два медали се многу повеќе отколку што некогаш сум сонувала“, изјави 31-годишната Фокнер за Ројтерс.