Пречките на патот за Фронтот за Европа
Никој не знае, ниту може да знае, како избирачите ќе реагираат на коалиција и можните заеднички листи меѓу СДСМ и ДУИ на парламентарните избори
Претседателот на владата, Димитар Ковачевски, деновиве во интервју изјави дека следните претседателски и парламентрани избори нема да се одржат во ист ден следната година како што посакува опозицијата, иако за изборот на пратеници треба да се гласа по само два до три месеци. Според него, станува збор за различни избори, за кои се предвидени средства во буџетот и нема потреба од скусување на мандатот на владата која беше избрана по изборите одржани на 15 јули 2020 година.
Ова навидум делува логично, па и храбро од страна на премиерот и претседателот на СДСМ, и веќе од страна на некои аналитичари се објаснува како обид преку претседателските избори да се тестира силата на Фронтот за Европа, односно силата на колицијата меѓу СДСМ и ДУИ, која веројатно на претседателските избори би излегла со заеднички кандидат. Успехот на таквите претседателски избори таквата коалиција би го искористила и за настап со заеднички листи на парламентраните избори. На владата на Ковачевски веројатно ѝ се потребни уште неколку месеци мандат по завршување на претседателските избори да заврши некои од започнатите инфраструктурни проекти, како што е автопатот Кичево – Охрид и со нив по можност да придобие уште дел од гласачкото тело.
Сето ова е убаво како домашен есап. Но познато е дека домашниот есап не е ист како и на пазарот.
На сите претседателски избори досега во нашата земја главен проблем беше одредбата дека кандидатот за претседател се смета за избран во вториот круг само ако за него гласало мнозинството од излезените, а излезноста во вториот круг мора да биде најмалку 40% од бројот на запишаните избирачи во избирачкиот список. Со оглед на тоа што во избирачкиот список кај нас се запишани еден милион и осумстотини илјади избирачи, станува јасно дека во вториот круг за да биде избран претседател потребно е да излезат на избори над 730 илјади илјади избирачи. И да не заборавиме дека на референдумот во 2018 година, на кој граѓаните одговараа на прашањето „Дали сте за членство во ЕУ и во НАТО и за прифаќање на Договорот помеѓу Македонија и Грција“, кој беше бојкотиран само од ВМРО-ДПМНЕ и Левица, излегоа 666 илјади гласачи, или 36,7 отсто од вкупно запишаните во избирачкиот список.
На првите претседателски избори во 1994 година, кога изборниот цензус беше 50% од излезените, тоа се постигна со одржување на претседателските и парламентраните избори во ист ден. Во 1999 година при вториот круг од претседателските избори, цензусот за избор на Борис Трајковски беше досегнат под многу сомнителни околности, поради што долго се оспоруваше неговиот легитимитет и од опозицијата тој беше нарекуван „Граѓанинот Б.Т.“. Истото се случи и во 2004 година кога опозицијата го оспоруваше изборот на Бранко Црвенковски заради обезбедениот цензус во вториот круг под чудни околности, па и тој од опозицијата беше нарекуван „Лицето Б.Ц.“.
Во 2009 година Никола Груевски и Али Ахмети се договорија редовните претседателски избори да се одржат на ист датум со локалните избори во првиот и во вториот изборен круг со што му се обезбеди цензус на Ѓорге Иванов, кој ја имаше подршката и од ДУИ. А кога на следните претседателски избори ДУИ изјави дека нема да го подржи Ѓорге Иванов за претседател, Груевски и Ахмети се согласија вториот круг на претседателските избори да биде одржан со вонредните парламентрани избори во 2014 година, со што пак му се обезбеди потребниот цензус на гласови на Иванов за функцијата претседател.
Во 2019 година, истовремено со вториот круг на претседателските избори беа одржани и вонредните локални избори во Дебар, Ново Село и Охрид, но и заради добриот успех на кандидатката на опозицијата во првиот круг од претседатлските избори, се постигна потребниот цензус за избор на претседател во, и излезноста беше речиси 47%.
Сето ова укажува на фактот дека ако се оди на претседатлски избори, без усогласен датум со опозицијата, или со отфрлање на нејзиното барања тие да се одржат истовремено со парламентарните, кои се блиску а и заради штедење, многу е веројатно, ако нејзиниот кандидат во првиот круг не обезбеди доволно гласови за победа во вториот, опозицијата едноставно да ги бојкотира тие избори и со тоа да не биде обезбеден потребниот цензус за избор на претседател. Во тој случај, постапката за избор на претседател се повторува во рок од 60 дена и датумот за избор на шеф на државата се совпаѓа со датумот за одржување на редовните парламентарни избори.
Прашање е дали СДСМ и ДУИ сакаат тоа да им се случи и да направат од готово вересија, или имаат некоја силна гаранција дека опозицијата не би ги бојкотирала таквите претседателски избори.
Од друга страна, секои избори, па и претседателските во првиот круг, биле секогаш можност партиите да си ја измерат подршката кај граѓаните. Кој ѝ гарантира на можната коалиција меѓу СДСМ и ДУИ за избор на претседател, дека други партии нема да излезат со свои кандидати во првиот изборен круг.
А ако тоа го направат Алијансата за Албанците, Беса, и Алтернатива сосема е јасно дека сите етнички Албанци во Македонија нема да гласаат во првиот круг за кандидатот на ДУИ и на СДСМ. Во 2019 година кандидатот на СДСМ и ДУИ, Стево Пендаровски, во првиот круг освои 320 илјади гласови, но кандидатот на Алијансата на Албанците и на Беса, Блерим Река, освои околу 80 илјади гласови.
Прашање е дали со тоа Фронтот за Европa ќе покаже нешто што веќе не е видено до сега и како тоа ќе се одрази врз парламентарните избори.
Постојат секако и други моменти за промислување.
Никој за сега не може да гарантира дека ВМРО-ДПМНЕ ќе почне да размислува „државнички“, а не „партиски“ и дека конечно со подршка на таа партија или со поддршка на дел од нејзини „европски ориентирани“ пратеници ќе дојде до потребната промена на Уставот што е услов, по завршениот скрининг, да започнат преговорите по поглавја за членство во ЕУ. Опозицијата има и отворена понуда од Артан Груби на денот кога ќе се согласи да гласа за внесување на Бугарите во Уставот, да бидат распишани и предвремени парламентарни избори. А тоа значи избори уште оваа година и пред претседателските. А ако тоа се случи, тогаш сѐ може да се одвива во сосема различни околности. Засега, покрај сите најави, убедувања и притисоци, поголеми се изгледите опозицијата да опстои на своето становиште и во потребниот рок да не успее промената на Уставот. А ако тоа не успее тогаш „Фронтот за Европа“, кој треба да обезбеди двотретинско мнозинство за промена на Уставот и за измена на други закони во согласност со европскта агенда, ќе се формира и гради во сосема други околности.
Дури и ако заедничкиот кандидат на СДСМ и на ДУИ добие многу гласови на претседателските избори, што би се одржале пред парламентраните, прашање е дали сите тие гласови би ги добила заедничка листа на кандидати на СДСМ и на ДУИ на парламентраните, под кое било име да се појави таа листа.
СДСМ во 2016 година направи голем исчекор во насока на сопствено трансформирање од етничка кон граѓанска партија. Ја отвори партијата за граѓаните од етничката заедница на Албанците и имаше кандидати Албанци на своите листи за пратеници, градоначалници и министри. Тогаш партијата почна да го урива митот за неможноста од трансформирање на етничките партии во граѓански и покажа со слоганот „Едно општество за сите“ дека со својата политика може да биде прифатлива како партија на сите граѓани, независно од нивната етничка или религиозна припадност.
Беше тоа време кога на ДУИ се гледаше како на соучесник во сите политики на Груевски и не мал број Албанци гледаа во таа политика на СДСМ начин за ограничување на долгогодишниот политички монопол на ДУИ во власта. По формирањето влада во 2017, па и во 2020 година, стана јасно дека СДСМ не само што нема моќ да го ограничува тој монопол на ДУИ, туку дека и опстојувањето на власт и формирањето влада зависи исклучително од ДУИ.
Двете партии немаат суштествени разлики во однос на програмата што ја спроведуваат и полека но сигурно програмски се совпаѓаат врз основа на приоритетите во надворешната политика, па и грижата за економската и социјална стабилност на населението. Со тоа Албанците ја губат или полека ќе ја изгубат целосно волјата за членување и поддршка на СДСМ.
Во најавите за можно одење на заедничка листа на двете, па и повеќе партии, со цел Фронтот за Европа да се добие мандат за состав на идна влада засега има многу нејаснотии.
Секој што учествувал до сега во создавањето листи за пратеници знае колку ѓаволски тешка задача е тоа. СДСМ е веќе коалиција со многу партии, од кои некои имаат гарантирани пратенички места на листите. Треба да биде исполнета квотата на жени, на млади и обезбедена регионалната застапеност. Треба да се определат носителите на листи од кои во голема мера зависи поддршката. Коалициските партнери организираат заеднички митинзи, промовираат заеднички симболи и заеднички кандидати. Избираат и заедничка химна. Сето тоа ќе биде малку потешко отколку што изгледа, имајќи ги предвид и амбициите на сегашните пратеници од владината коалиција да се најдат одново на добитните места на кандидатските листи.
Никој не знае, ниту може да знае, како избирачите ќе реагираат на таква коалиција и на заеднички листи меѓу СДСМ и ДУИ. Во редовите на двете партии, па и меѓу неопределените гласачи, има голем број на кои таквата „коалиција од нужност“ не и им е прифатлива како „коалиција од љубов“. Никој не може да знае која од тие две партии ќе претрпи поголема штета. И како тоа го замислуваат да ја изолираат ВМРО-ДПМНЕ од идната влада, ако таа биде победникот во условна кажано „македонскиот блок“.
Идејата на обединување на сите можни партии во Фронт за Европа по моделот на првата коалиција во Словенија која настапи со слоганот „Европа сега“ е симпатичен обид за излегување од сегашната криза, но и личи малко на „лесно ветена брзина“ и носи опасност големиот оптимизам да заврши со големо разочарување.
Партиите треба да мислат на сѐ што ќе се случува до изборите, но и на тоа во каква состојба ќе се најдат партиите по изборите. Што ќе биде со нивниот политички и идеолошки идентитет ако го имаат, ќе имаат ли способност да учат од соствените грешки и дали политиката со која сега настапуваат партиите од власта во врска со промената на Уставот, која може да се сведе на „Или сега или никогаш“ не внесува повеќе страв отколку оптимизам и се служи повеќе со закани одошто со рационално промислување на сите можности.
Во време на комунизмот сите пленуми на партијата, сите конгреси, сите одлуки и важни моменти, па и сите години се нарекуваа историски во смисла на значајни, пресудни и пресвртнички. Исмејувајќи го тоа еден сатиричар во тоа време имаше речено: „Кај нас годините можат да бидат родни или сушни, но сите се историски“. И добро е што комунизмот, нас повозрасните, нѐ навикна на тоа, иако со години ништо драматично не се случуваше.
(Ѓорѓи Спасов е универзитетски професор и поранешен амбасадор)