Пречистителната станица во Кучевишка Бара ќе опслужува околу 3.000 жители
Изградбата на пречистителната станица во Кучевишка Бара, проект со вкупна вредност од 129 милиони денари што ќе опслужува околу три илјади жители во населените места Кучевишка Бара во Општина Чучер Сандево и Бел Камен во Општина Бутел е во полн ек.
Градоначалникот на Општина Чучер-Сандево Зоран Бајовски, информираше дека пречистителната станица, која ќе ги опслужува населените места Кучевишка Бара, во Општина Чучер Сандево и Бел Камен во Општина Бутел е со вкупна вредност од 129 милиони денари.
-Пречистителната станица ќе собира отпадни води од фекална канализација во првиот момент за околу три илјади жители, колку што живеат во моментов во овие населени места, но оставаме простор во втора фаза да може да се доработи и прошири проектот за пет илјади жители – изјави Бајовски.
Проектот е во целост финансиран од Владата на РСМ, преку Министерството за животна средина и просторно планирање, а дел од средствата се обезбедени преку унгарскиот кредит за општините, а останатиот дел е преку друга програма на МЖСП.
Бајовски најави дека очекува во брзо време да профункционира пречистителната страница и дека брзо ќе биде завршена и примарната и секундарната мрежа.
Заменик-министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лашковска, потенцира дека главна цел и еден од најголемите приоритети на Владата е помош на општините, затоа што, вакви големи и скапи проекти општините сами не би можеле да ги реализираат.
-Наша цел и како Влада и како МЖСП е да вложуваме во здрава и чиста животна средина и нормално и чиста вода. Водата е еден од најважните ресурси – изјави Лашковска.
Проектот за изградба на пречистителната станица во Кучевишка Бара е започнат во октомври 2025 година.