Пратениците се посрамотија


МИРЧЕ ЈОВАНОВСКИ

Влези-излези тактиката на опозицијата, можеби според нивно сопствено видување беше ефикасна, исто како и трчањето низ салата на координаторот на нивната пратеничка група по колешката од владејачкото мнозинство и обидот наместо неа, која го имаше зборот и микрофонот, да зборува тој самиот. Недолично

 

Срамно и жално беше вчера да се следи работата на пратениците во Собранието. На избраните кои треба да ги претставуваат граѓаните и да ги штитат нивните интереси.

Вчерашниот ден беше комбинација на срам, брука, безобразие, глупост… Со еден збор, пратениците вчера не заслужија да се нарекуваат народни избраници, иако такво нешто им следува според резултатите на изборите.

Наместо да го спроведуваат секој ден она што им го довериле граѓаните, да работат во нивен и во интересот на државата, на стопанството, за општо добро… вчера во Собранието бевме сведоци на несфатливо однесување, кулминација на нешто што преовладува со месеци – блокирање на важни закони и партиски игри.

На удар подолго време е петтиот пакет за поддршка на стопанството. Економски мерки кои се од животна важност за илјадници компании и за уште повеќе вработени во нив. Финансиска помош која што со душа ја чекаат и работодавачите кои во време на пандемија мака мачат да го одржат производството и да обезбедат работа која што ќе им донесе доволно приходи за да ги покријат трошоците на работењето и да им исплатат плати на вработените. На работниците кои само тие знаат како го врзуваат крајот на месецот, како да купат основни животни намирници, да ги платат сметките кон комуналните претпријатија, да ја платат ратата на кредитот… Без притоа да се луксузираат бидејќи такво нешто сега ретко кој може да си дозволи.

Но, на оние кои до вчера ветуваа мед и млеко и кои се колнеа пред граѓаните, сега од удобните пратенички фотелји повеќе им е важно како да го прејдат политичкиот противник и како поубедливо да се претстават пред камерите кои ги пренесуваат собраниските седници, отколку да најдат решение за напластените проблеми кои ги притискаат граѓаните.

Ако толку сочувствуваат со граѓаните погодени од економската криза, како што тоа се обидуваат да го нагласат од парламентарната говорница, пратениците, на пример, можеа да покажат солидарност и да ја одложат исплатата на нивните плати онолку време колку што се кочат законите кои овозможуваат финансиска поддршка.

Или, со оглед што и онака со месеци не се на нивните работни места, во пратеничките клупи, од каде што се дебатира и се гласа, убаво би било да се откажат и да формираат фонд за помош на најзагрозените.

Се разбира дека ова е утопија, но еве една паралела со она што го велат пратениците – дека нивната работа не се состоела само во учеството на парламентарните седници туку и во анализа на законските предлози, комуникација со граѓаните итн. (што во основа е точно). Но, како би било на пример некој работник да дојде и да се потпише дека е присутен во фабриката и наместо на машината, да „чепка“ нешто друго? И за тоа да очекува да добие плата?!

Еден од легендарните скечови на британската дружина „Летечкиот циркус на Монти Пајтон“ е онаа за Министерство за смешно одење. Ако некој од пратениците не го видел, може да ја најде на Јутјуб оваа брилијантна сатира за бирократската неефикасност.

Можеби делува преостро, но токму така делуваше вчера апсурдноста која граѓаните можеа да ја проследат од преносот на работата на пратениците и нивните настојувања да докажат кој повеќе се залага за носење на економските мерки, а кој е црн ѓавол.

Влези-излези тактиката на опозицијата кога спикерот ги читаше имињата на пратениците и на оние кои се запишале за да земат патни трошоци, можеби според нивно сопствено видување беше ефикасна, исто како и трчањето низ салата на координаторот на нивната пратеничка група по колешката од владејачкото мнозинство и обидот наместо неа, која го имаше зборот и микрофонот, да зборува тој самиот. Недолично.

Дали пратениците се запрашале како се чувствуваат во такви моменти оние кои пред ТВ екраните го чекаат изгласувањето на мерките. На пример, работниците во текстилните фабрики кои поради немање нарачки и големи залихи се на принуден одмор. Или оние од угостителските објекти, во во хотелите и другите дејности кои најмногу се погодени од негативните ефекти на пандемијата со Ковид-19.

Собранието, кое што треба да е средиштето на демократските процеси, подолго време е жртва на сопки кои се ставаат поради теснопартиски интереси. Некои алатки кои што им стојат на располагање на пратениците за подобрување на законските предлози, како што се амандманите, се користат како оружје да се блокира носењето на законите и за уцена со цел да се издејствува некој политички поен за себе. На ваков начин самите пратеници си ја девалвираат сопствената улога оставајќи им на лидерите на партиите да се спогодат и така наместо креатори на политиките да бидат само гласачи.

Работите ќе беа поинакви доколку се најдеше решение Собранието да функционира непречено во услови на пандемија, односно доколку се овозможеше и оние пратеници кои што се позитивни на корона вирусот, или заболени од Ковид-19 да учествуваат онлајн во носењето на законите.

Најнов пример за такво нешто е бгарскиот парламент кој што се конституираше вчера, при што шестмина пратеници ја дадоа заклетвата онлајн. Еден од нив веројатно ќе биде и следниот бугарски премиер. Европскиот парламент тоа го практикува подолго време.

Но, кај нас, се чини, на некои од партиите блокадите им се поблиски отколку можноста парламентот да работи онака како што треба. Па, дури и кога жртва на таквото однесување се најранливите во државата, кои чекаат мерки, а не милостина од луѓето кои ги бирале.