Практична обука: Откриј ги тајните на истражувачкото известување


Сите мотивирани новинари и студенти по новинарство кои сакаат да ги подобрат своите истражувачки вештини се поканети на бесплатната регионална обука за новинарство „Откриј ги тајните на истражувачкото известување“, што ќе се одржи од 12 до 14 ноември 2024 година во Скопје.

Обуката се содржи од три динамични работилници, преку кои ќе се обезбедат суштински важни совети, техники и алатки за истражувачко известување, давајќи им можност на учесниците да откријат скриени вистини и да направат влијателни приказни. Учесниците ќе можат да одберат да ги следат сите три работилници, за да стекнат сеопфатно разбирање за истражувачкото известување, или да изберат поединечни работилници врз основа на нивните интереси и цели во кариерата.

Со обуката ќе се опфатат теми за градење на односи со тајни извори и нивна заштита, подобрување на новинарскиот кредибилитет, истражување на луѓе, компании и средства и за планирање на истражувачки проекти. Учесниците ќе учествуваат во вежби, реални студии на случај и интерактивни дискусии со новинари од регионот, а водени од искусни истражувачки новинари. Сите учесници ќе добијат сертификати за завршена обука или работилница.

За поддршка на учесниците надвор од Скопје, Институтот за комуникациски студии (ИКС), ќе обезбеди хотелско сместување и покривање на патните трошоци.

Заради ограничениот број на места, заинтересираните учесници треба да се пријават што поскоро, а најдоцна до 3-ти ноември 2024 година, на ОВОЈ ЛИНК.

Обуката за новинарство „Откриј ги тајните на истражувачкото известување“ ја организира Институтот за комуникациски студии (ИКС), во рамките на проектот „Користи факти“, поддржан од Британската амбасада во Скопје.