Битолската клиничка болница се засили со уште еден познат специјалист. Кардиологот д-р Игор Спироски од денеска е дел од тимот


БИТОЛА – Познатиот кардиолог од Скопје, д-р Игор Спироски, специјалист интернист и супспецијалист интервентен кардиолог од денеска е дел од тимот на Битолската клиничка болница. Д-р Спироски има повеќе од две децении активно искуство во Универзитетската клиника за кардиологија во Скопје, со бројни успешни интервенции зад себе.

Во последните четири месеци болницата во Битола се екипира со лекари специјалисти од повеќе области. 

Денеска од Болницата објавија дека токму на денешен ден во 2012 година за првпат профункционира салата за инванзивна и интервентна кардиологија во Битола — под раководство на д-р Ненси Лозанче и медицинските сестри Валентина Гачевска и Светлана Тодоровска како посветен тим – што значеше нова ера во кардиолошката грижа во Битола и регионот.

„Денес, на истиот овој симболичен датум, со огромно задоволство најавуваме дека тимот на Отсекот на инванзивна и интервентна кардиологија се збогатува со уште еден член – д-р Игор Спироски, специјалист интернист и супспецијалист интервентен кардиолог – кој заедно со постојниот тим ќе ги спојат искуството и визијата со нова енергија и експертиза“, објавија од Клиничка болница Битола.

Од болницата велат дека д-р Игор Спироски бил шеф на сала и долгогодишен член на ангио тимот во Скопје што претставува значајна вредност за битолскиот колектив.

„Како главен уредник на South East European Journal of Cardiology, д-р Спироски не го запира своето влијание – туку го проширува и во науката и иднината на медицината. Ова придружување значи нов импулс во работата на тимот – кој е насочен кон постојано унапредување на здравствените услуги и квалитетна услуга за пациентите. Зад секој медицински успех стои тим. Денес нашиот тим е побогат за уште една вредна алка“, стои во објавата на болницата.

Од почетокот на јули месец, интернистот д-р Васил Чипуровски е дел од тимот на Интерното одделение во Клиничката болница Битола, откако од 2019 година имаше своја приватна ординација во градот.  

Во Битолската болница од приватното здравство премина и  д-р Зоран Литовски специјалист дерматовенеролог со две децениско искуство. 

Претходно во мај годинава, лекар од приватната клиничката болница „Аџибадем Систина“ од Скопје  стана дел од тимот на Битолската клиничка болница и веќе го води Инфективното одделение во Битола. Д-р Хараламбос Сидиропулос, специјалист по инфектологија повторно го врати во функција Инфективното одделение во Битолската болница, откако установата остана без специјалист пред речиси две години.

Од минатиот месец во Клиничката болница  Битола лекари специјалисти за онкологија и радиотерапија вршат прегледи во Онколошкото одделение во Битола. Ова следува откако Битолската болница доби согласност од министерот за здравство за соработка со Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија од Скопје. Скопските онколози доаѓаат во Битола секој петок. 

Од минатата недела десет лекари од приватните специјализанти се вработија во Клиничката болница Битола. (А.Б.)