Пожарот во Беровско и понатаму се гасне


Пожарот во Беровско и понатаму се гасне, а пожарникарите и луѓето од Берово кои учествуваат во неговото гаснење ќе останат на терен се до негово целосно локализирање. Сашко Руменовски, командир на Територијалната противпожарна единица од Берово информираше дека покрај гаснењето од земја од утрово повторно имаат и воздушна поддршка.
 
-Со цел скратување на времето за полнење вода од Беровско Езеро во село Будинарци поставен е импровизиран базен, од каде хеликоптерот ќе полни вода заради побрза интервенција, вели Руменовски.
 
Додава дека од утрово контролата за справувањето со огнената стихија ја презел Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за кризи.
 
Според проценките на ТППЕ Берово, досега од пожарот е зафатена високостеблеста дабова и букова шума со површина од 50 хектари. 

Како што информираат од ЦУК, од утрово, според податоците од теренот добиени од командирот Ѓорги пожарот е под контрола и се уште се дејствува во обиколен простор каде што се уште тлее и гори. Се дејствува од противпожарни сили по земја и со поддршка од воздух со полицискиот хеликоптер со ведро за гаснење пожар. Важно е, посочуваат, што сега на терен близу пожарот е направен базен со вода од противпожарните сили од кој хеликоптерот го полни со вода ведрото и времето на дејство со хеликоптерот е скратено за три пати, бидејќи не мора да полни од Беровско Езеро.

Според информации од РЦУК – Штип, во Општина Берово вчера интервенирал хеликоптер на МВР, додека потоа во попладневните часови интервенирал и авион на ДЗС. На терен интервенирале следните екипи: ДЗС – 30 луѓе со 4 возила; ТППЕ Берово – 6 луѓе и 2 возила; ТППЕ Делчево – 4 луѓе со 1 возило; Доброволно ППД Кочани – 5 луѓе со 1 возило; ШС Малешево – Берово со 22 луѓе со 3 возило, ШС Равна река – Пехчево со 8 луѓе и 2 возила; ШС од Радовиш со 5 луѓе и 1 возило;  ШС Виница со  5 луѓе и 1 возило; ЈПКР Услуга со 10 луѓе и 2 возила и 15 лица од локалното население.

Од утринските часови денеска, интервенира хеликоптер на МВР, како и 20 лица од ДЗС, 35 лица од шумските стопанства и неколку лица од месно население.

Во однос на други пожари во државата што биле службено регистрирани во последните 24 часа РЦУК – Скопје, известува дека БППЗ на Град Скопје во изминатото деноноќие имала две интервенции од кои едната била поради запалено стрниште, а другата поради запалена ниска вегетација. Вкупно опожарени се околу 6.000 м2. Скопската БППЗ имала и три останати помали интервенции.

РЦУК – Битола, известува дека ТППЕ Битола и ТППЕ Прилеп, во текот на денот имале по една интервенција.

РЦУК – Струмица, известува дека ТППЕ Валандово, во текот на денот имала три интервенции, од кои две биле во с.Брајковци поради запалена ниска вегатација и меѓи, додека третата била од 19:00 до 20:00 часот поради запалена шума на површина од два декари во с.Дедели. Во сите три случаи интервенирале со по два пожарникари и едно ПП возило.

РЦУК – Охрид, ја пренесува информацијата од ТППЕ Кичево, во која се наведува дека од 12:50 до 14:20 часот, со пет пожарникари и едно ПП возило гаснеле запалено стрниште во с.Црвивци.

ТППЕ Охрид имала една мала интервенција.

РЦУК – Велес, известува дека ТППЕ Велес, од 11:30 до 13:30 часот, со пет пожарникари и едно ПП возило интервенирале поради запалена ниска вегетација кај градската депонија.

ТППЕ Кавадарци, со два пожарникари и едно ПП возило, од 16:00 до 17:00 часот гаснеле запалена ниска вегетација во близина на с.Фариш (на патот кон Плетвар).