Пожар во бараките на ЈП „Паркови и зеленило“, бил намерно подметнат


 

Во бараките на ЈП „Паркови и зеленило“ доцна синоќа избил пожар во кој биле зафатени околу 20 метри квадратни. Пожарот бил намерно подметнат, велат од ЈП „Паркови и зеленило“, повикувајќи се на снимки од безбедносни камери.

Во соопштение до медиумите ЈП „Паркови и зеленило“ велат дека ноќеска околу 1 часот по полноќ избувна пожар во дирекцијата на претпријатието, поточно во делот на архивата, магацинот и просториите на Секторот за финансии.

„По брзата реакција на чуварската служба и брзата интервенција на противпожарната бригада пожарот е навремено изгаснат и не е причинета голема материјална штета, сите документи се сочувани, како и просториите на претпријатието“, се вели во соопштението.

Веднаш на лице место излезе увидна екипа на МВР за утврдување на причините за пожарот.

Во соопштението се посочува дека снимките од безбедносните камери на претпријатието покажуваат дека пожарот е подметнат од непознат сторител.

„ЈП ‘Паркови и зеленило“ најостро го осудува овој чин на намерно опожарување на
просториите на претпријатието и активно ќе соработува со надлежните органи во
собирањето на докази за расчистување на случајот, изнаоѓање на сторителите и
нивно изнесување пред лицето на правдата“, се вели во соопштението до медиумите.

Од Пожарна информираа дека добиле повик триесетина минути по полноќ и итервенирале до 1:40 часот. На терен изглегле тројца пожарникари со едно пожарникарно возило.