Пожар го проголта домот на Веловски во битолско Цапари, за семејството се собира помош

БИТОЛА – На -15 степени, во голем студ, семејството Веловски од потпелистерското село Цапари остана без покрив над главата. Силен пожар вчера попладне, ја проголта семејната куќа на Тане Веловски и неговиот седумдесетгодишен татко. Во пожарот изгоре покривот и целата покуќнина, па сега синот и таткото останаа без дом.
„Луѓето се сместени во куќа, и се добри, не се повредни од пожарот. Огнот започнал на таванот, што значи може да е од електричната инсталација. Куќата е уништена и нема можност за живот во неа, затоа прибираме финасии за да може да се реновира куќата. Веловски ја реновираа со кредит пред некое време и сега се без ништо“, вели Зоран Мишевски од Црковниот одбор на селото Цапари.
Пожарот се гаснел во тешки услови, со интервенција која траела повеќе од 5 часа.
„Имавме дојава во 18,20 часот, испративме две возила, имавме тешки услови за работи, во Цапари имаше снег од 70 до 80 сантиметри, изгоре покривотод куќата и две соби, само една соба е спасена. Интервенцијата траеше до 23,10 часот“, изјави Горан Димкоски, заменик-командир на ТПП Битола.
Соборниот храм „Св Великомаченик Георги“ на Фјесбук објави жиро сметки каде битолчани можат да донираат за семејството Веловски. (А.Б.)