Повторно тензична атмосфера во комисијата при расправата за Љубомир Јовески


Фото: Б. Грданоски

 

Седницата на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата продолжи во тензична атмосфера, откако пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Лидија Петковска со процедурални забелешки обвини дека претседателката на Комисијата, Марија Георгиевска, на минатата седница прекршила неколку членови од Деловникот. На тоа Георгиевска образложи оти Комисијата никогаш не го прекршила Деловникот, по што пратениците почнаа да дофрлаат од место. Георгиевска даде пауза, а за продолжението рече оти ќе информира преку службите.

Петковска меѓу другото обвини дека е прекршен членот 81 став 2 од Деловникот, според кој претседателот, во случајот Георгиевска, ја прекинува седницата, односно дава пауза по барање на координатор или заменик-координатор на пратеничка група кој во текот на денот може само еднаш да побара прекин во траење од еден час, што во петокот не било случај, бидејќи пратеничка 10 часа говореше без право на пауза.

Георгиевска рече дека доколку пратениците се решиле да говорат маратонски, тогаш треба да бидат и физички и психички подготвени да го издржат напорот.

Членовите на собраниската Комисија за прашањата на изборите и именувањата треба да ја продолжат расправата за изборот на јавниот обвинител Љубомир Јовески за уставен судија.

Пратеничката Петковска нагласи дека Љубомир Јовески нема да стане уставен судија. „Јовески четири години молчел и не правел надзор на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Самиот тој потврдил дека не направил надзор и во други обвинителства заради состојбите со Ковид-19. Си молчи човекот, а чека награда, да стане уставен судија. Борбата против криминалот не подразбира молчење. Да покренеше обвиненија и да имаше расветлување на криминалите ние денес радо ќе ја поддржавме неговата кандидатура за уставен судија“, рече Петковска.

Членовите на оваа Комисија минатата недела дадоа поддршка на изборот за уставни судии на кандидатите Татјана Васиќ Бозаџиева, која работи во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство, и на граѓанскиот судија во Апелацискиот суд во Скопје, Фатмир Скендер, и двајцата предложени од СДСМ.