Повторно пропадна камион во фонтаната на плоштадот „Македонија“


Камион повторно пропадна во партерната фонтана на плоштадот „Макадонија“ во Скопје. Од утрово, на Плоштадот се поставува бина и шатори за фестивалот на пивото „Пиволенд“ кој го организира Град Скопје, а еден од камионите кој носеше опрема пропадна низ плочките.

Ни пајакот кој дојде не успеа да го извлече пропаднатиот камион.

„Приватен субјект со возило камион без дозвола неовластено влегол на плоштадот „Македонија“, по што е причинета штета на плочникот. Градот Скопје остро го осудува овој чин, ќе ги преземе сите законски мерки за извршување на инспекциски надзор како и за санкционирање, по што за причинетата штета врз јавните добра на плоштадот ќе се бара надомест на штета. Ваквото однесување од страна на поединци е недозволиво и за истото ќе се спроведат најстроги санкции“, соопшти Град Скопје.

Досега неколкупати возила пропаѓале низ плочките на фонтаната. Првиот пат кога се подготвуваше дочек на ракометарите на Вардар по освоената шампионска титула, а потоа и камион за чистење на плочникот на „Комунална хигиена“.

Површинската фонтана беше изградена во време на поранешниот градоначалник Коце Трајановски и чинеше 2,5 милиони евра, а беше дел од проектот „Скопје 2014“.