Повлечени се 20 автобуси на ЈСП поради дефект – 10 отсто од моменталниот возен парк
Проблемите во ЈСП се како приказна без крај. Кај се соочуваат со мал број на автобуси па дури и тие што ги имаат често се расипуваат. Директорот Кушовски за Телма открива дека се повлечени дури 20 автобуси од скопските улици поради тоа што имаат различни дефекти.
„Проблемот е во тоа што во моментов имаме недостаток од 20 и нешто возила, за да можеме да ги опслужиме линиите кои што се по летен возен ред. Тие се дефектни возила кои што не може да се пуштат во сообраќај“, вели Драги Кушовски, в.д. директор на ЈСП Скопје за Телма
„Со цел да се одговори на граѓаните, значи може да се случи да има возила од тие 15 што се без клима уред, пуштени во сообраќај“, вели Кушовски.
Поради долгови кои го сардисаа ЈСП споро иде и набавката на резервни делови. Директорот не открил за колкави суми се работи, а потврди дека ЈСП има помал долг кон трите компании на приватни превозници кои поради тоа периодов возат редуцирано. Но, Кушовски демантира дека сумата е 140 милиони денари, како што велат превозниците.
„Досега немаме никакво решение, сѐ уште. И го сменивме возењето од 17 часот попладне во фирмата во која сум јас. Другата фирма, исто, по 17 часот работи. А, третата компанија вози наизменично, од сабајле, навечер и така. Директорот на ЈСП нема никаков слух. Нас не ни требаат никакви состаноци, на нас ни требаат пари. Ние застанавме само заради парите, заради долгот“, вели Оливер Петрушевски, приватен превозник во една од трите компании превозници.