Повик за избор на членови на Управен и Надзорен одбор на ЈП за управување со развојни проекти на Општина Аеродром


Фото: Независеен

Општина Аеродром ги повикува граѓаните на Република Северна Македонија да конкурираат на отворениот конкурс за членови на Управен и Надзорен одбор на Јавното претпријатие за управување со развојни проекти.

Двете раководни тела на ова претпријатие ќе бројат по пет члена, а ќе бидат избрани афирмирани и познати стручни лица од областа на работењето на јавното претпријатие. Исто така, важно е да се напомене дека членовите ќе бидат избрани согласно со соодветната и правичната застапеност на припадниците на сите заедници.

„За првпат во Македонија членовите на Управниот и на Надзорниот одбор на едно јавно претпријатие се избираат транспарентно на конкурс, на кој може да се пријави секој што ги исполнува потребните услови. Ветивме и продолжуваме со практикување на европските стандарди во нашето работење. Ние ја носиме Европа и нејзините вредности кај жителите на Општината и во Северна Македонија“, изјави градоначалникот Златко Марин.

Уште е поважно, како што додава тој, што членовите на овие две управувачки тела, како и извршниот директор нема да имаат никакви приходи за менаџирањето на претпријатието, односно работењето ќе биде на доброволна основа, сè додека претпријатието не почне да остварува приходи врз основа на реализирани проекти.

Секој кандидат треба да има минимум три години работно искуство, да е државјанин на Македонија, да е жител на Општина Аеродром, да има завршено соодветно образование, да познава англиски јазик и да нема казна или прекршочна санкција забрана за вршење дејност, професија или должност. Притоа, секој кандидат треба да достави своја биографија и мотивациско писмо. Идниот состав на двете тела ќе го избере Советот на Општина Аеродром.

Мандатот на членовите на Управен и на Надзорен одбор е максимум четири години.