Повеќе дозволи и намалување на финансиските трошоци за транспортерите, ветува Бочварски


Поголем број дозволи за транспортерите и поддршка на дејноста со намалување на трошоците во услови на кризата од ковид пандемијата им вети министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на превозниците кои денеска се собраа на традиционална средба, во организација на транспортната асоцијација Макам-транс.

За 2021 година, според квотата на базни дозволи со кои располага Министерството за транспорт и врски обезбедени се 1.440 годишни дозволи за возила со Евро 6 стандард и 2.280 месечни дозволи за возила со Евро 5 стандард.

-На овој начин настојуваме максимално да ги задоволиме потребите на нашите превозници за непречено одвивање на транспортот. Имајќи го позитивното искуство од минатите години, за следната година се фокусиравме на месечните дозволи. Сметаме дека тоа е поповолно за вас кога имате на располагање дозволи во текот на целата година. Уверен сум дека ова е правилниот начин за дистрибуција на транспортните дозволи. Нашата цел како Министерство е повеќе од јасна, а тоа е што во поголем број да обезбедиме покриеност, а од друга страна фер и транспарентен начин на дистрибуција на дозволите, рече Бочварски.

Тој соопшти дека е во тек изработка на нов електронскиот систем за распределба, но оти поради ковид-кризата тој ќе стане оперативен следната година.

Како резултат на соработката со Макам-транс ќе се менува Уредбата што го решава моментот на нераспределени годишни дозволи и таа е во владина процедура.

-И во наредниот период заеднички ќе продолжиме да работиме. Веќе разговаравме да формираме работна група, во која учество ќе земат и заинтересираните асоцијации од областа на превозот на патници и превозот на стока и заеднички ќе пристапиме кон изменување на законската и подзаконската регулатива во овие области, рече Бочварски.

Транспортниот сектор, наведе, е од огромно значење за економијата во земјата, посебно сите увидовме колку е значаен во услови на оваа пандемија и убеден сум дека сите треба заеднички да создаваме услови како да го олесниме вашето работење.

Во рамки на четвртиот сет на економски мерки, како што рече, продолжуваме со поддршката за исплата на плати, која важи и за последниот квартал од годината, односно и за октомври, ноември и декември. На предлог на Министерството за транспорт и врски, пак, ќе се изврши пролонгирање на важноста на лиценците за плус една година во зависност од тоа кога им истекува лиценцата што ја добиле. Тоа значи дека на околу 7000 транспортери ќе им се продолжи лиценцата за работа дополнително за една година без надомест.

-Оваа мерка е дел од сетот економски мерки што очекуваме да се изгласаат во Собраните за да можеме вам да ви излеземе во пресет и да ги намалиме финаниските трошоци во овие тешки услови, рече Бочварски.

Превозниците од државава на традиционалната средба разменуваат искуства за состојбите во дејноста и предизвиците со кои се соочуваат.