Потврден уште еден случај на морбили, вкупно се четворица македонски и еден странски државјанин
Уште еден случај на морбили, петти по ред, е регистриран во државата – изјави денеска министерот за здравство, Сашо Клековски. Станува збор за едно и полгодишно бебе. Со тоа морбили во државата се потврдени кај вкупно три бебиња и еден маж на возраст од 45 години, кој е македонски државјани, и кај еден државјанин на Косово.
– Имаме прелиминарна поврзаност помеѓу странскиот државјанин и трите домашни случаи, меѓутоа би почекал епидемиолошката анализа на Институтот за јавно здравје да биде готова и да го кажеме тоа службено – рече Клековски пред почетокот на националната консултација за новиот закон за лекови, што ја организира Министерството за здравство во соработка со СЗО.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали ќе повика на масовна вакцинација, дали ќе побара проверка на вакциналните картони и дополнително повикување на невакцинираните деца, Клековски рече дека постојано повикува на свеста и самосвеста на граѓаните и не верува во присилни мерки бидејќи тие само го зголемуваат отпорот кон вакцинирањето.
Тој посочи дека секој треба за себе и за своите блиски да провери дали има две дози вакцина или прележал. Потенцира дека има прележано морбили на 15 години и многу тешко ги прележал сипаниците и затоа им препорачува на сите да се вакцинираат за да не ја поминат тешко оваа болест.
– Издадовме препорака, ако се појават знаците типични за сипаница, да не одат на доктор, туку да се јават кај него бидејќи ова е еден од најзаразните вируси и заразноста опстојува два часа во воздухот, така што престој со заразени лица во чекалница, во ходници на здравствени установи, е значаен ризик за настанување епидемија. Молбата е до родителите кога ќе ги видат тие симптоми што ги објавивме да не ги носат децата во градинки и во училишта. Повикот за вакцинирање е за да се заштитат оние што не може да се вакцинираат. Значи, бебињата до 12 месеци не може да се вакцинираат. Имаме постојано една група од 15-ина илјади бебиња кои се во одреден ризик. Секако, и поповозрасната популација што не е вакцинирана – истакна Клековски.
Тој посочи дека докажани случаи се тие што ги имаме.
– Се работат и примарните и секундарните случаи, нивните патеки, веќе има инспекциски надзор во сите можни здравствени установи во кои може од аспект на примарен и секундарен контакт, така што мислам дека нивото на алармирање е значително. Нема присила затоа што тоа водеше кон изигрување на системот и слично. Апелирам на свест и самосвест на сите дека, ако не ја прележале болеста, две дози вакцина ќе ги заштитат бебињата кои не може да бидат вакцинирани и кои немаат можност да одлучат дали сакаат или не – рече министерот.
Претставникот на Светската здравствена организација (СЗО) и шеф на Регионалната канцеларија на СЗО во Северна Македонија, д-р Аким Али, рече дека улогата на родителите е клучна и, второ, бремените жени особено треба да добијат заштита од морбили затоа што може да доведе до конгенитални малформации.
– Главно е да се зголеми стапката на вакцинација на потребниот процент, кој изнесува 95 проценти. Нашиот процент е сè уште низок во споредба со потребното ниво, меѓутоа знам дека Министерството за здравство соработува со заедниците и со центрите за јавно здравје со цел да го зголеми да ја зголеми оваа стапка на вакцинација – додаде Али.