Поставени нови дрвени мостови на реката Драгор во Битола
БИТОЛА – За период од нецели два месеца Општина Битола преку ЈП „Нискоградба“ реконструира три пешачки моста на реката Драгор која го дели градот на два дела. Мостовите стари со децении, беа во катастрофална состојба и небезбедни за минување.
На реката Драгор во урбаниот дел има 16 мостови, но ако се земе целото течение од првите куќи од населбата Довлеџик до последните куќи на улица „16-та“ или како што велат битолчани „под линија“ има вкупно 20 мостови.
Пешачките мостови во најголем број бараат обнова.
Директорот на ЈП „Нискоградба“ Зоран Талевски вели дека во овој период се обновени три моста на реката Драгор кај „Кланица“, кај „Рибарниците“ и кај „Музејот на албанската азбука“. Во план им била корекција на дрвениот мост над „Ленски мост“ што води кон Старата битолска чаршија, но поради временските услови, намерата ќе се пролонгира.
Градоначалникот Тони Коњановски вели дека како нова локална самоуправа се соочиле со голем проблем на еден од мостовите на реката Драгор кај Безистенот што мораше да се санира, но низ долгите административни процедури констатирале дека неопходна е ревизија на состојбата на сите мостови, која не била направена 40 години.
„За таа цел, беше извршена евалуација на состојбата на мостовите од кои некои, се постари од еден век, по што пристапивме кон изготвување на Студија за утврдување на состојбата на мостовите на реката Драгор. Санирани се 3 дрвени мостови, на кои носивата конструкција сега им е челична, а се наоѓаа во многу лоша состојба. Нашата тенденција е во следниот период комплетно да бидат санирани сите мостови на реката Драгор“, изјави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски за „Независен“.
Коритото од реката Драгор во Битола е во должина од околу 4.000 метри и така како што се поставени мостовите може да се каже дека градот има пристап од едната на другата страна на со мостови на секои 200 метри.
Првиот мост во урбаниот дел на градот, е Црн Мост кој датира од првата половина на 19. век, тој беше целосно реконструиран и дадена нова намена во 2014-2015 година. Тој мост денес е удвоен со уште еден сообраќаен и исклучително фреквентен мост.
Инаку, според хроничарите во градот, во Битола, долго време мостовите биле дрвени, а најголем дел од нив целосно уништени со бомбардирањата во Првата светска војна. По завршувањето на војната, Битола добила воено обесштетување или надомест за уништена инфраструктура, па така со познатата воена репарација од Германија, само на реката Драгор се поставуваат шест железни мостови, а четири од нив и ден денес се во функција.
Така сѐ уште е железен мостот кај Горната гимназија, малку подолу кај Ректоратот или Пожарната, кој поради дотраеност е заменет со бетонски. Железен е и мостот кај денешната административна зграда на Општина Битола како и мостот „Кај Интифа“ или мостот што денес битолчани го нарекуваат и мостот кај Судот.
Оваа локална власт го реконструираше и мостот кај „Безистенот“ во 2022 година. Мостот беше во критична состојба, но постапките низ државните институции се одвиваа четири месеци.
Следната година продолжува обновата на мостовите на реката Драгор за што треба да се обезбедат дополнителни средства од буџетот на општината. (А.Б.)