Последни два дена за амандманска расправа за Предлог-Буџетот за 2025 на матичната собраниска Комисија
Во Собранието денеска ќе продолжи амандманската расправа за Буџетот за 2025 година. Последен ден за амандманите за државната каса е утре. Останати за разгледување, според информациите од Собранието, се околу 150 амандмани.
Амандманската расправа почна на 19 ноември, а треба да заврши најдоцна до 30 ноември. Поднесени беа вкупно 307 амандмани од кои 204 на опозициската СДСМ.
По амадманската расправа како Дополнет Предлог – Буџет документот се враќа во Владата на финално одобрување по што согласно законските рокови, треба да биде изгласан во Собранието до крајот на оваа календарска година. Се очекува седницата за носење на Буџетот за 2025 година да биде закажана за втората недела во декември.
Вкупните приходи во Предлог-буџетот се планирани на ниво од 358,8 милијарди денари, а расходите на ниво од 400,2 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е проектиран во апсолутен износ од 41.350 милиoни денари или на ниво од 4 проценти од планираниот БДП. Инфлацијата се очекува да се намали на ниво од 2,2 проценти, како резултат на стабилизирањето на цените на основните прехранбени производи и на енергенсите на меѓународниот пазар, забавувањето на странската ефективна инфлација, како и поумерениот притисок од базичната инфлација. Извозот се очекува да има раст од 4,2 проценти, а увозот од 4,4 проценти како резултат на очекувањата за постепено стабилизирање на меѓународното опкружување и зголемувањето на надворешната побарувачка.
Комисијата за финансирање и буџет денеска ќе одржи уште една седница на која на дневен ред е Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за акцизите, во второ читање.
Заседание ќе има и Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците која ќе го разгледува Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за матичната евиденција, во второ читање.