Портрет на поетот и издавач Гојко Божовиќ и промоција на книга од Данило Киш


Творештвото на поетот и есеист Гојко Божовиќ од Србија ќе биде промовирано вечерва во 20 часот во книжарницата „Буква“ во Скопје. Портретот за Божовиќ го подготви писателот Александар Прокопиев.

Тие ќе зборуваат за предизвиците и дометот на преводот, местото и презентацијата и промоција на современата српскa литература.

Двајцата писатели ќе говорат за еден од најголемите писатели во втората половина на 20 век, Данило Киш и ќе го промовираат и македонскиот превод на книгата „Рани јадови“. Овој превод го издаде издавачката куќа „Прозарт медиа“ од Скопје.

Настанот е дел од дополнителната програма на 9. Интернационален литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“, што официјално беше затворен синоќа. Промоцијата се реализира во соработка со Српскиот културен центар „Спона“.

Гојко Божовиќ (1972) e и литературен критичар, уредник и издавач. Ги издал книгите поезија: „Подземно кино“ (1991), „Душата на ѕверот“ (1993), „Песни за нештата“ (1996), „Архипелаго“ (2002), „Елементи“ (2006), „Околни божества“ (2012), „Карта“ (2017), „Тивкиот ѕвер на пладне“ (избрани песни и хроники, 2019)

Книги есеи: „Поезија низ времето: За српската поезија во втората половина на дваесеттиот век“ (2000), „Местото коешто го сакаме: За современата српска поезија“ (2009), „Литература и денови“ (2018), „Кралство без граници: За српската поезија на дваесеттиот и дваесет и првиот век“ (2019), „Играчки на судбината: Есеи за српската литература: XIX – XXI век“ (2020).

Антологии: „Антологија на поновата српска поезија: Деведесеттите, Дваесеттиот век“ (2005), „Место коешто го сакаме. Антологија за современата српска поезија 1945 – 2006“ (2006, 2011; на англиски), „Светот околу нас. Антологија на современите српски приказни“ (2009).

Книги од избрани песни на Гојко Божовиќ се издадени во Русија, Бугарија, Северна Македонија и Хрватска.

Ги има добиено наградите „Душан Матиќ“, „Бране Цветковиќ“, „Ѓура Јакшиќ“, „Бранко Ќопиќ“, „Европа Џовани меѓународна награда за поезија“ (Италија), „Петар Кочиќ“ и „Грачаница Чартер“ за поезија.

Ја добил наградата од фондот „Борислав Пекиќ“ за есеј.

Три книги песни од Гојко Божовиќ се издадени на македонски јазик („Елементи“, избрани песни, 2010; „Околни божества: песни и хроники“, 2014, и „Мапа“, 2019), како и книгата есеи „Книжевноста и дните“ (2021)

Тој е основач и одговорен уредник на издавачката куќа „Архипелаг“ (Белград 2007) и Белградскиот фестивал на европската литература (Белград 2012).

Потпретседател е на српскиот ПЕН центар.