Поројните дождови поплавија улици во Делчевско


Поројните дождови кои денеска го зафатија регионот на Пијанец им создадода проблеми на жителите од населените места, посебно во делечвското село Стамер, каде, поради зголемување на водостојот, мештаните ги штитат куќите со вреќи песок и големи камења.

– Во село Стамер по секој пороен дожд го имаме овој проблем, но денес поради големиот водостој состојбата ескалираше. Надојдената вода го преплави патот по кој минуваме со нашите возила и поради опасноста водата да се доближи до куќите, сами се организиравме и ставивме вреќи со песок и големи камења за да не може водата да стигне до куќите, вели Алексадра Зафировска, жител на Стамер.

Според неа, проблемот трае веќе неколку години и досега е побарано решение од сите градоначалници, но никој се уште не се потрудил да го реши.

Освен во село Стамер, невремето предизвика поплави и на улицата „Маршал Тито“ во Делчево, како и на други улици во централното градско подрачје каде граѓани јавуваат за поплавени подруми.