Поранешен министер за финансии на САД сака да го преземе ТикТок 


Поранешниот министер за финансии на САД Стивен Мнучин составува група инвеститори кои сакаат да го купат ТикТок  (TikTok) доколку матичната компанија Бајтденс (ByteDance) биде принудена да ја продаде апликацијата. Мнучин го објави ова за време на појавувањето на Си-Ен-Би-Си на Squawk Box во четвртокот.

„Ја разбирам технологијата, тоа е одличен бизнис и ќе составам група за купување на ТикТок“, рече тој.

Иако Мнучин не именуваше со кого работи на потенцијалното купување на платформата, тој рече дека вклучува комбинација од различни инвеститори надвор од големите технолошки компании.

„Мислам дека ниту една од големите американски технолошки компании не треба да го контролира ова“, рече тој. „Мислам дека може да има антимонополски прашања и тоа треба да биде нешто што е независно за да имаме вистински конкурент. Корисниците го сакаат, па затоа не треба да се затвора“.

Во средата, Претставничкиот дом со големо мнозинство гласаше за принудување на Бајтденс  да се откаже од ТикТок. Ако компанијата не ја продаде апликацијата, продавниците за апликации како Епстор (App Store) на Епл и Плеј стор на Гугл ќе мора да престанат да ја хостираат платформата или ќе се соочат со казни до 5.000 долари по корисник на апликацијата.

Мнучин, кој претседаваше со Комитетот за странски инвестиции во САД во времето на поранешниот претседател Трамп, рече дека податоците што ги собира апликацијата, како и фактот дека е во сопственост на кинеска компанија, се особено проблематични.

„Ова не треба да биде контролирано од Кинезите. Проблемот е да се има ова на сечиј телефон“, рече тој. „Кога ја имате оваа апликација на сечиј телефон, таа има способност да собира многу податоци. Би требало да биде во сопственост на американски компании. Нема шанси Кинезите некогаш да дозволат американска компанија да поседува вакво нешто во Кина“.

Задачата на Мнучин нема да биде лесна. За време на интервјуто, тој призна дека апликацијата треба да се реконструира во САД користејќи американска технологија.