Пораки до Врховен: Судиите не може сами себе да се амнестираат


Врховниот суд вчера не одржа и уште нема закажано општа седница на којашто треба расправа за иницијативата што ја поднесоа двајца адвокати во која се бара највисокиот суд да донесе правно мислење со кое во постапките за разрешување на судии што се водат во Судскиот совет би се применувал поблагиот закон за судиите. На минатата седница оваа иницијатива не стигна на дневен ред, а нова уште не е закажана.

Сепак Државната комисија за спречување на корупцијата на колегиум, превентивно, му напиша допис на претседателот на Врховен, Јово Вангеловски за кого се води постапка за разрешување во советот и му порача дека судиите не може да се амнестираат себеси.

„Судиите на Врховниот суд против кои се отворени постапки во Судскиот совет за разрешување од функциите, не треба да учествуваат во расправата и одлучувањето на општата седница каде ќе се утврдува начелното правно мислење по поднесените горенаведени иницијативи“, пишува во дописот од Антикорупциската комисија.

Во него се цитираат одредби од законот за споречување на корупцијата и судирот на интереси, а во еден од тие членови се вели дека дека ако службено лице учествува во расправа на орган или тело во кое се одлучува за работи зa кои тоа или блиско лице има приватен интерес, службеното лице е должно да го пријави постоењето на приватниот интерес и да се изземе пред расправата и одлучувањето, а најдоцна пред почетокот на одлучувањето.

Антикоруционерите порачуваат дека доколку судиите против кои се отворени постапки, сепак одлучуваат и донесат правно мислење, против нив може да биде покрената постапка за утврдување на одговорност и изрекување на мерки.

Судскиот совет денеска одржа редовна седница, но претседателот на Судскиот совет не сакаше да даде изјава со образложение дека не сака да коментира мислење на Врховниот суд кое се уште не е донесено.  Во неформален разговор со новинарите рече дека ништо не е готово и дека постапките против судиите продолжуваат во Советот.

Од Врховниот суд пак велат дека се уште официјално не го добиле дописот од Антикорупциската комисија и најавуваат реакција.

Пред Судскиот совет пак се водат постапки против половина од судиите на Врховниот суд, деветмина. За случајот Кочан, постапки за разрешување се водат за Вангеловски и за уште двајца врховни судии, кои биле дел од петчлениот кривичен совет  кои гласале за укинување на мерката притвор за Кочан. Во другата група се уште петмина врховни судии, предложени за разрешување за бегството на обвинетите во „Тврдина-Таргет“ Горан Грујевски и Никола Бошкоски. Постапка се води и за уште две врховни судијки кои ги пријавил во Судскиот совет Вангеловски.

Сепак што и да се случи и што и да одлучи Врховниот суд, поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска е децидна дека Судскиот совет нема обврска да го почитува нивното мислењето на судиите.

„Судскиот совет нема обврска да го почитува нивното мислење. Врховниот суд не може да носи такви мислења особено кога станува збор за примена на тој закон кој се однесува за нив. Судскиот совет е тој кој треба да си одлучи кој закон ке го примени. Тие имаат право на приговори, тие имаат право на жалба тие може да си ги остварат сите свои искажувања во овие постапки“, вели судијката.

Цаца Николовска објаснува судиите се странки во постапката и своите права може да ги остваруваат со давање на аргументи, а ова може да биде еден од аргументите. Ако Судскиот совет има проблеми со толкување на закони, тоа прашање треба да се расчисти, односно да се обратат до Собранието, кое треба да даде автентично толкување.

„Судскиот совет е независен и самостоен орган кој се грижи за независноста,  кој е сега Врховен суд да му кажува кој закон да го примени. Па веќе сите елементи на правораздавање, сите стандарди на она што значи позиција на незавина судска власт, позиција на извршна власт се нарушени. Врховен суд сега со некакви образложенија ќе се става во улога на Собрание, ќе врши законодавна функција?, прашува Цаца Николовска.

Дебатата за тоа дали судиите од Врховен ќе се спасуваат себеси се отвори минатата недела откако беше поднесена иницијативата. Новиот закон е поповолен за нив бидејќи има опција да бидат казнети само со дисцилинска постапка, а според статиот закон за судови, има само една опција, разрешување. Сепак Судскиот совет ќе го има крајниот збор и ќе одлучи дали ќе го прочисти врховниот суд.