Порака од Белата куќа: Почнете ги преговорите со ЕУ


 

Џејк Саливен, советникот за национална безбедност на американскиот претседател Џо Бајден, вели дека Македонија е силен сојузник во НАТО и има со што да придонесе во ЕУ и затоа ги повикува македонските пријатели да ја искористат можноста да ги почнат пристапните преговори со ЕУ.

„Откако се приклучи на НАТО, Северна Македонија е силен сојузник. Исто така може да има важен придонес во ЕУ. Ги охрабруваме нашите пријатели да ја искористат можноста да ги почнат пристапните преговори со ЕУ“, напиша Саливен на Твитер.

Претходно, американската амбасадорка Кејт Брнз твитна дека „САД ја поздравува дискусијата во Северна Македонија за ревидираниот предлог на ЕУ за почеток на пристапните преговори, признавајќи ја важноста на македонскиот јазик и идентитет“.

Францускиот предлог за почеток на пристапните преговори на ЕУ со Македонија е одобрен од Бугарија и сега се наоѓа во фаза на разгледување во Македонија.