Порака од Апасиев до членството на Левица: „Вмроидниот режим се плаши од борба“

Претседателот на Левица, Димитар Апасиев упати писмо до членството на партијата и симпатизери за уште посилна борба и покрај „илегалната цензура“ за време на оваа изборна кампања.
Во партиското соопштение се нагласува:
„Со илегалната цензура во оваа изборна кампања се потврди нашето претчувство – вмроидниот режим се плаши од нашата заедничка борба против елитите. Точно знаат од каде доаѓа опасноста. Се плашат од вистинската опозиција. Од обединета и силна Левица“.
Во обраќањето се потенцира дека Левица се профилирала како втора политичка сила во државата и дека младоста, неподмитливоста и креативноста се на нивна страна. „На нивна страна се олигарсите, богаташите и корумпираните. Нашата кауза е праведна! Да не се откажеме. Да одиме напред. Непоколебливо. Со чиста совест и цврста волја“, се додава во пораката.
Апасиев ја дефинира партијата како свежина на, како што вели, „мувлосаната политичка сцена“. „Неа со ништо не можете да ја запрете! Нашата генерациска должност е јасна: да ја продолжиме оваа нерамна битка против привилегираните кои со децении ги ограбуваат и народот и Републиката. Додека тие безобразно се богатат од нашиот труд – само со сплотеност, упорност и истрајност можеме да изградиме општество на социјална правда и благосостојба за сите“, порачува лидерот на Левица.