Поповски: Условите за работа на медиумите се под нивото


Владата никогаш нема да се меша во работата на медиумите, порача денеска министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, на прес-конференција по повод Денот на слободата на медиумите.

Според Поповски, медиумите во Македонија денес се ослободени од какво и да е влијание, сепак смета дека условите во кои работат новинарите се далеку под нивото.

– Условите за работа на новинарите, медиумите и медиумските работници се далеку под нивото кое го посакуваме. Следниот период ќе направиме сѐ што можеме за да ги подобриме условите, за медиумите да бидат зајакнати финансиски, но и во својата поставеност внатре – рече Поповски.

Следниот период најави дека Владата ќе работи на подобрување на медиумската писменост.

Министерот за администрација, Дамјан Манчески, пак, изјави дека следниот период Владата ќе се фокусира на реформи во советот на АВМУ и во националниот радиодифузер, а резултати очекуваат кон средината на годината.

Според владините функционери од стапување на функција на оваа Влада нападите врз новинари ги има многу малку и речиси и да не постојат. Манчески порача дека ќе се казнат сите што ќе нападнат новинар на својата работа.

„Фокус нѝ е казнивоста на нападите на новинарите. Од 1 јуни 2018 година до денес се разрешени сите напади што се случиле врз новинари. Три пати е помал бројот на напади на новинарите. Сите оние кои ќе се дрзнат да нападнат новинари ќе бидат казнети“, порача Манчевски.