Поплаки за кршење на изборниот молк, Рамиз Мерко денес асфалтирал улица


 
Во паника од изборниот пораз, кандидати за градоначалници и советници од ВМРО-ДПМНЕ, го кршат изборниот молк, тврдат од СДСМ. 
 
-Носителот на советничката група за Штип, Владко Захариев, го крши молкот со објави на социјалните мрежи, а кандидот за градоначалник на општина Ресен од ВМРО-ДПМНЕ Јован Тозиевски објавува фотографии со малолетни лица во партиски простории. Кандидатот за градоначалник на Општина Илинден од ВМРО ДПМНЕ, Борче Најдовски, исто така го крши молкот, се жалат од СДСМ тврдејќи дека зад тоа стои стравот на оваа партија о извесниот пораз утре.
 
 За кршење на изборниот молк се пожали и Алијансата за Албанците која поднесе  пријава против градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко.
 

-Сакаме да го пријавиме  флагрантното кршење на Изборниот законик од страна на Рамиз Мерко и Општина Струга. На денот на изборниот молк, машините на фирми и бизниси блиски со Рамиз Мерко ги асфалтираат улиците во различни села во Струга. Сето ова без никаква дозвола, без тендерска постапка и надвор од било какви законски правила. Нашиот тим од правници ги прави соодветните поднесоци. Известени се и Обвинителството и полицијата, кои требаат да излезат на терен и да ги преземат потребните мерки.   Асфалтите и незаконските работи нема да го спасат ниту Рамиз Мерко, ниту неговите соработници, кои го прекршија и постојано го кршат законот. Граѓани, чувајте ја смиреноста. Остануваат уште неколку часа. Струга и се враќа на стружаните!-порачаа од Алијансата.

Тие тврдат исто така дека во Гостивар, денеска било забележано и пријавено бело комбе  Форд, од кое се давало мито на неколку локации во Гостивар.