Попис или потоп: Како го прави ЕУ, а како го проблематизираме ние?


ЕУ за пописот што ќе се одржува годинава има одамна подготвена и масивна регулатива. Но за првпат и таму, како и кај нас, масовно ќе се користат податоци на институциите, а теренската анкета ќе биде дополнување

 

Слободанка Јовановска

Во Собранието и денес се расправа за Законот за пописот со големи шанси по 18 години избегнување на оваа статистичка операција, целиот процес повторно да доживее дебакл. Иако и власта и опозицијата се повикуваат на стандардите на ЕУ, ВМРО-ДПМНЕ се заканува со оспорување на пописот бидејќи смета дека се подготвува фалсификат.

Претседателот Стево Пендаровски сугерираше денес дека некои од забелешките на опозицијата треба да се прифатат за да се дојде до консензус околу ова прашање, иако нагласи дека бојкот не е можен, туку само непризнавање на резултатите.

Зошто само во Македонија од цел свет пописот е прашање „да се биде или не“ е јасно одамна, поради што Пендаровски ги повика политичките актери да дадат изјави околу почитувањето на правата на етничките заедници без оглед на резултатите, за да се симне тој баласт од оваа статистичка операција. Проценките на власта се очигледно дека дојде време да се приземјат страстите околу пописот и технички да се премости стравот од тоа што ќе покажат резултатите, при што да се усогласи што е можно повеќе нашиот попис со тие што се прават во Унијата.

Првата разлика меѓу нашиот попис и тие во ЕУ е што Брисел за тој што ќе се одржува годинава има одамна подготвена и масивна регулатива. Но, за првпат и таму, како и кај нас, масовно ќе се користат податоци на институциите, а теренската анкета ќе биде дополнување, со што, како што проценуваат во Брисел, ќе се добие многу поквалитетна дата на податоци, ќе се заштедат многу пари, а наедно ќе се добијат побрзо резултатите.

Како новина ЕУ воведува попис на еден километар квадратен територија за да може со националните пописи да се опфатат и меѓугранични подрачја со оглед на Шенген режимот. Притоа ќе се брои и внатрешната и надворешната миграција, бидејќи многу граѓани од една земја членка на ЕУ живеат во друга, со тоа што за разлика од кај нас, никој не може да сокрие дека има две или три државјанства, бидејќи сумирањето на податоците ќе го покаже тој факт. Попрецизно кажано, тие што имаат две државјанства ќе мораат да се определат за едно, а за да нема двојно пребројување има дополнителни прашања кои ќе го утврдат и точниот број и актуелниот статус на секое лице.

Така, во пописниот лист ќе стојат посебни прашања за земјата на раѓање, за државјанството и посебно за местото  на живеење последните 12 месеци пред пописот. Притоа има јасна дефиниција што е резидентен  жител, т.е. тој што живеел на постојана адреса последните 12 или повеќе месеци и притоа пописот вообичаено не ги опфаќа иселените подолго од тој период, бидејќи некои земји имаат милионски дијаспори. Податоците ќе се проверуваат според регистрите за здравствено осигурување, регистрите за жителство, за домаќинства, катастарите и слично, при што ќе се попишуваат и азилантите и бездомниците.

Иако ќе се попишуваат сите на одредена територија, во сумирањето на резултатите ќе се направи јасна дистинкција меѓу тие што се резидентни и нерезидентни, па така точно се утврдува кој сѐ може да влезе во графата „вкупно резидентно население“, а кој не. Така, на пример, азилантите, деца родени помалку од 12 месеци пред пописот, лица што престојуваат помалку од една година на адресата на живеење, странските војници, националните војници што служат надвор од земјата, се бројат т.е. се попишуваат, но не се вклучуваат во вкупната (резидентна) популација. Исто така, тие што студираат надвор од земјата и лицата кои привремено престојуваат надвор од вообичаеното место на живеење подолго од 12 месеци се пребројуваат, но не се вклучуваат во бројката на резидентно население бидејќи не ги исполнуваат критериумите, но можат да се вклучат во националните регистери на вкупно население.

Во пописот во ЕУ се вклучува и местото на работење, актуелен статус (вработен, невработен…) дали некогаш живееле во странство и кога се вратиле во земјата, со таа разлика што во држави членки на ЕУ како Германија, а и во Велика Британија државјанството се губи по одреден број на години живеење надвор, а новите адреси мораат да се пријавуваат за една недела и општинските власти да водат строга евиденција кој дошол и кој се иселил од нивна територија. Едноставно кажано, на пописите во ЕУ се бројат сите – и резидентните и нерезидентните, но вторите не се вклучуваат во вкупната (резидентна) популација.

Притоа има една препорака што е применлива за кај нас. Во неа стои:

„На пописот може да се пребројуваат и лица лица кои не се вообичаени жители (на наш јазик кажано резидентни за време на пописот), но самото попишување не подразбира нивно вклучување во вкупното резидентно население, со оглед на тоа дека некои земји може да имаат национални интереси околу специфични категории на лица. Сепак, важно е дека севкупниот квалитет на пребројувањето на резидентната популација да не е под влијание на проширувањето на пописот на други категории. Земјите што го прошируваат опфатот на пописот треба да ги воспостават сите потребни мерки за да се избегнат грешките во пресметките и да се минимизираат негативните ефекти од дополнителните прашања. Се препорачува информациите собрани за нерезидентните жители да бидат сведени на минимум“.

Она што очигледно стана проблем околу овој попис кај нас е што во предлог-законот нема точна дефиниција кој ќе се смета за резидентен граѓанин а кој не, туку само стои дека „ќе се попишуваат сите со живеалиште во Македонија, без оглед дали во моментот на попишувањето се тука или во странство“, што предизвикува сомнеж за евентуална манипулација. 

Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, во интервју за Сител тврдеше дека една работа е кој ќе се попишува, а друга работа се категориите на население. Повикувајќи се на дефинициите на ОН, тој рече дека има три категории на население. Првата и најглавната е т.н. вкупно или резидентно население, во која  влегуваат македонските државјани кои се присутни во државата, оние кои не подолго од една година се во странство и странските државјни кои се присутни во државата повеќе од една година. Втората категорија, како што рече, е вкупното нерезидентно население кое го сочинуваат лицата кои што ќе се попишат, но се македонски државјани кои повеќе од една година се во странство и странци кои живеат помалку од една година во државата.

Фактот дека тоа не е внесено јасно во Законот за попис за кој се дебатира во моментов е главна причина за сите сомнежи. Негов аргумент дека не се можни фалсификати е дека апликацијата сама по себе не овозможува нецелосен прашалник, а на него има околу 50-60 прашања.

„Сите тие прашања мора да бидат одговорени. Значи, не може вие да дадете само име, презиме, матичен број, адреса и етничка припадност. Мора да има полн прашалник, не може да се прифати половичен прашалник. Дури и да измислите некои факти, да кажете погрешни факти, ние ќе го попишеме тоа лице“, рече Симовски, појаснувајќи дека штом податоците стигнат до ДЗС, се појавува аларм дека тоа лице треба да се провери.

За опозицијата и ова не е силен аргумент, бидејќи не веруваат во точноста на податоците на институциите – драма што ја гледаме пред секои избори. Заклучокот би бил дека власта сака што повеќе да го направи пописот технички за да се одржи, но избегнувајќи да прецизира некои сензитивни делови остава простор за опозицијата да најавува негово спорење.

И со пописот се покажува дека главниот проблем е кој треба и до кога треба да има државјанство во земјата, или како што рече пратеничка во Собранието, многу си ги сакаме роднините и пријателите што живеат во странство, но дали треба да бидат и тие дел од резидентното население кај нас? Власта тврди дека со пописот ќе се утвди таа разлика, но опозицијата не верува на зборови и бара точна дефиниција. 

На крајот како куриозитет вреди да се спомене дека пописот во 2011 година во Велика Британија се спроведуваше преку пошта или онлајн, а многу ретко со физичко присуство, додека кај нас со денови се води расправа кој и за кого може да дава податоци, со каков документ да се легитимира, па да се документира се на хартија или на компјутер…