Пониските роаминг тарифи во рамки на Берлинскиот процес се основа за поамбициозни потфати


Придобивките од Берлинскиот процес се значајни за земјите учеснички и нивните економии, како и меѓусебната соработка, а пониските роаминг тарифите основа за уште поамбициозни потфати, оценија учесниците на панел дискусијата „Придобивките од Берлинскиот процес за Северна Македонија: Осврт на сработеното во делот на заедничкиот регионален пазар со фокус на роамингот“, што се одржува денеска во Скопје, во организација на Институтот за Демократија (ИДСЦС).

-Постигнат е договор во рамки на Берлинскиот процес и со тоа има придобивки кои одат во прилог на економијата и на земјите учеснички, оцени претседателот на собраниската Комисија за европски прашања Арбер Адеми.

Пред Самитот во Тирана, потсети Адеми, усвоена е декларација за што повеќе парламентарна димензија на целиот процес.

— Земјите учеснички да бидат присутни во целиот процес во утврдување на агендата и во креирањето на политиките, а секако делот на имплементација е наша работа, бидејќи имајќи предвид тоа што денеска се случувало, договорите се ратификувани од страна на парламентите, како и од нашето Собрание, рече Адеми.

Амбасадорката на Сојузна Германија, Петра Дрекслер потенцираше дека Владата на Германија е посветена на Берлинскиот процес.

Канцеларот Олаф Шолц на Самитот во Тирана, посочи амбасадорката, уште еднаш ги истакна придобивките од Берлинскиот процес кои што можат да ги очекуваат граѓаните од земјите на Западен Балкан.

Иницијативата за намалување на роаминг тарифите што започна во 2017 година, според амбасадорката Дрекслер, претставува достигнување со кое сите може да се гордееме и еден вид основа за уште поамбициозни потфати.

Целта на панел дискусијата е да иницира дијалог за преземените заложби од Берлински процес, преку презентација на досегашните успеси и предизвици на Берлинскиот процес кои спаѓаат во акциските планови за имплементацијата на заедничкиот регионален пазар и зелената агенда. Ќе се дебатира и за идните активности и за дефинирањето на улогата на законодавната власт.

Настанот е дел од проектот „Парламентарна дипломатија: Регионална соработка преку зголемен парламентарен дијалог“ поддржан од Германското сојузно министерство за надворешни работи.