Од понеделник до среда ќе биде пеколно – Владата со дополнителни мерки за превенција
Територијата на целата држава ќе биде зафатена од високи температури од портокалова фаза, ќе се превземаат акции предвидени за Фаза 2 - портокалово ниво на топлотни бранови
Владата на денешната 111-та седница донесе одлука за дополнителни мерки за превенција од топлотниот бран.
Како што се наведува во соопштението, Министерството за здравство ја информираше Владата дека, доби информација од Институтот за Јавно здравје и метео-алармот на Управата за хидрометеоролошки работи за појава на топлотен бран во траење од два дена и тоа во периодот од 12.08.2024 до 13.08.2024 година (понеделник и вторник). Нешто подоцна, од Владата известија дека поради најавениот интензитет и траење на топлониот бран, покрај предвидените понеделник и вторник, истите мерки се однесуваат и на среда 14 август.
За овие три дена, од 12.08.2024 до 14.08.2024 година (понеделник, вторник и среда) важат истите дополнителни мерки за превенција.
Територијата на целата држава ќе биде зафатена од високи температури од портокалова фаза и согласно Акциониот план на Министерството за здравство за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението ќе се превземаат акции предвидени за Фаза 2 – портокалово ниво на топлотни бранови.
Согласно ова, Владата донесе дополнителни мерки за превенција, и тоа:
1. Oслободување од работни обврски за најралнивите групи на населениението: бремените жени и лица на возраст над 60 години во периодот од 12.08.2024 до 13.08.2024 година (понеделник и вторник). Во истиот период, работодавачите да ги реорганизираат работните активности на градежните работници и на работниците кои работат на отворено, со тоа што ќе се избегне вршење градежни и други работни активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот.
2. Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.
3. Во установите за згрижување на децата (градинки) да не се практикува физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот.
4. Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници.